Едно од најлегендарните полуфиналиња во историјата на Мундијалите

Неизвесноста и возбудата со Италијанците во нокаут фаза е посебна. Некои не ги сакаат бидејќи многу се бранеле и и играле на резултат, ама тој резултат им донесе четири светски титули. На СП 2006, драмата со нив беше антологиска.

Буфон, Гросо, Канаваро, Матераци, Ѕамброта, Гатузо, Камеронази, Перота, Пирло, Тоти, Тони, потоа Ѕакардо, Де Роси, Барѕаљи, Дел Пјеро, Џилардино, Перуци, Неста, Амелиа, Јаквинта, Бароне, Инѕаги, Одо.
 
Ова е состав за паметење, состав за почит кој не се повторува и состав кој на Марчело Липи му внесувал 1.000 мисли во глава, кого да избере во први 11.

Фудбалскиот времеплов не потсеќа на тоа дека овие момци на денешен ден пред 11 години го одиграа највозбудливото и најдраматичното полуфинале на Светските првенства во поново време.
 
Пред себе го имаа домаќинот Германија предводена од Балак, Клосе, Подолски, Лам, Леман, Швајнштајгер, Нојвил, Мертезакер, Шнајдер...кои ги водеше Јирген Клинсман.

Се играше атомски фудбал 90 минути со многу шанси за гол, но Леман и Буфон ги чуваа мрежите мирни. Кога во продолженијата истекуваат и сите се подготвуваа за пенали, Италијанците приредија завршница по која им течеа солзи на домаќините.

Се работи за 119-та и 121-та минута од средбата на која нема Италијанец кој не се сеќава. Пирло го пронајде Гросо кој јуначки на прва постигна гол вреден финале, а по само две минути, тимска игра имаше и меѓу Џилардино и Дел Пјеро за конечни 2:0 и лудило во таборот на италијанскиот тим. На вториот гол претходеше игра во одбрана на Канаваро кој ќе ја изедеше топката.

Пет дена подоцна во Берлин, Италија ја совлада Франција на пенали, а Зидан се прости од фудбалот откако му удри глава на Матераци. Инаку од овој состав на Италија, актуелни репрезентативци се само Буфон и Де Роси.

4 јули 2017 - 10:16