Џиџи Буфон на 45 години и дефинитивно стави крај

Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон кој има еден куп трофеи во кариерата, со интересна фраза од цртан филм соопшти дека ја завршува својата играчка кариера.

Со објава: „Тоа е сè народе (That's all folks)! Ми даде сè, ти дадов сè. Го направивме тоа заедно“, Џиџи Буфон стави точка на богатата кариера.

45-годишниот Џанлуиџи Буфон споразумно го раскинал договорот со својот матичен клуб Парма каде ја заврши кариерата. Тој во сениорски фудбал првпат заиграл во 1995-та година и тоа во својата Парма каде бранеше до 2001-ва година.

Од таму премина во Јувентус каде беше се до 2018-та и освои бројни пехари. Се пресели на кратко во ПСЖ а од Париз се врати во Јувентус во 2019-та. Последните две сезони од кариерата Џиџоне ги помина во родната Парма и бранеше на 44 меча во втората лига Серија Б.

Во 2010-та година Џиџи Буфон стана капитен на репрезентацијата на Италија а репрезентативната кариера ја заврши во 2018-та.

Бранеше на дури 5 Светски првенства (1998, 2002, 2006, 2010, 2014). Во 2006-та стана светски шампион со Италија во Германија и тогаш беше прогласен за најдобар голман на Мундијалот.

Во кариерата освојуваше уште и шампионски скудета, Купови и Суперкупови со Јувентус и ПСЖ.

3 август 2023 - 09:01