Џанлуиџи Буфон во 2003. година фати два пенали во серијата против Милан, но тоа не беше доволно затоа што промашувањата на Алесандро Бириндели, Марсело Залајета и Паоло Монтеро му го скратија сонот на Буфон да го крене пехарот. Јувентус тогаш пропушти прилика по трет пат да стане европски првак, а Милан ја освои титулата во ЛШ по шести пат.
Денес, повеќе од една деценија од драмата на Олд Трафорд, Буфон помина пат од Берлин до Серија Б и Серија А, за да повторно се најде во германскиот град. Јувентус ја освојуваше Европа во 1985 и 1986, а Буфон вели дека од оваа перспектива е среќен што не славел на Олд Трафорд.
„Многу ми фали европскиот трофеј. Но на крајот од краиштата, среќен сум што не освоив тогаш, затоа што немаше да имам ваква мотиавација да играм уште за нешто престижно. Ова е натпревар на нашите животи и има историска важност затоа што поминаа 12 години од финалето со Милан. Предстојното финале дојде неочекувано и за разлика од тогаш, сега сме аутсајдери", вели Буфон.
Откако ја напушти Парма за Јувентус кој за него плати 32,6 милиони фунти (уште најскап трансфер за голман), Буфон освои сè што можеше да се освои и настапуваше во финалињата на сите главни настани во фудбалот.
Врвот го достигна во 2006. година кога стана светски шампион со Италија на Марчело Липи и тоа на истиот Олимписки стадион во Берлин, каде во сабота ќе игра против Барселона.
„Се враќам таму после девет години и сакам да видам дали емоциите ќе бидат исти. Милсам дека нема да биде поразлично од тогаш. Како капитен не екипата неделава ќе им кажам на соиграчите што имам да им кажам, за борбата да биде полесна".
Во интервјуто за Телеграф, Буфон додаде и дека реванш мечот со Реал Мадрид (1-1) кој му овозможи на Јуве место во финалето бил најсреќен момент за него. Веднаш по мечот Буфон на Твитер напиша: „Da Berlino alla B... dalla B a Berlino!!!" (Од Берлин во Серија Б и од Б во Берлин. Тоа е животот).
Што се однесува до самиот натпревар, Буфон изјави дека се свесни дека играат против страшен тим, предводен од Меси.
„Секако дека е можно Меси да даде гол. Играме против најсилниот тим на светот со феноменален играч кој не е од оваа планета. Излгеда како да е вонземјанин што игра со нас земјаните. Се надевам дека во сабота ќе биде од земјата, како сите нас", констатира Буфон.
Мечот меѓу Барселона и Јувентус се игра во сабота со почеток од 20:45 во Берлин.