Џејми Варди пак е јунак - со 18 гола го врати Лестер во Премиер лига

Клубот кој во 2016-та година сензационално стана шампион во Премиер лига, минатата година испадна од најдоброто друштво а сега на едно коло до крајот на сезоната во сурово тешкиот Чемпионшип ја освоија титулата и се враќаат во богатата Премиер лига.

Лестер одново испиша убави страни во фудбалските учебници. Предводени од младиот италијански тренер Енцо Мареска (играше на времето во Јувентус). „Лисиците“ во натпревар од 45. коло во англиски Чемпионшип го совладаа Престон со 0-3 на гости и го осигураа првото место на табела.

Лестер славеше со два гола на нивниот лидер Џејми Варди кој сезонава постигна 20 гола од кои 18 во Чемпионшип. Некогашниот англиски првак собра 97 бода и во последното коло го пречекува Блекбурн на домашен терен кога ќе се обиде да освои јубилејни 100 бода.

37-годишниот Варди е единствен од славната генерација која што во 2015/2016 освои шампионска титула на чудесен начин со тренерот Клаудио Раниери.

Лестер по 8-ми пат ја освојува титулата во Чемпионшип, со што го надмина Манчестер Сити кој досега 7 пати низ историјата завршувал прв во втора лига.

Интересно, дури четврта сезона по ред Чемпионшип освојува екипа која една сезона претходно играла во Премиер лига и испаднала.

За второто место кое води директно во Премиер лига до крајот ќе се борат Ипсвич и Лидс Јунајтед. Обете екипи имаат по 90 бода, но Ипсвич има меч помалку (игра денес со Ковентри на гости и во последно коло со Хадерсфилд дома). Лидс Јунајтед во последно коло го пречекува Саутемптон кој има 84 бода и сигурно ќе игра во баражот за пласман во Премиер.

30 април 2024 - 11:27