Летото 1986-та е година кога Аргентина стана Светски шампион, Марадона со помош на “божјата рака“ ја елиминираше Англија во четвртфиналето, Стеауа ја шокираше Барселона во финалето од тогашниот Куп на Европски шампиони и Алекс Фергусон седна на клупата на Манчестер Јунајтед.
Југословенската фудбалска јавност тогаш била во очекување на последното коло кое наместо спектакл се претворило во познатата афера „Шајбер“.
Славко Шајбер бил претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, спортски работник и политичар. Тој бил еден од клучните луѓе за создавање на моќната Цибона, а во Белград заминал како способен човек кој требал да ја подигне професионалноста во фудбалот, да ги искорени нерегуларностите и да издејствува дозволи за ангажирање на странци.
Наместо тоа, тој ќе остане етикетиран како дел од фудбалската мафија за која гласно се зборувало во чаршија во тоа време. Шајбер го поништил цело последно коло од сезоната 1985/1986 во југословенската прва лига поради сомневање за наместени натпревари.
ФСЈ донела одлука да се преигра цело коло, а црно-белите поради тоа што не сакале да се појават на терен ја загубиле титулата. Прваци на тој начин станале црвено-белите, а сите клубови за кое се сомневало дека се вмешани во местење биле казнети со по 6 бода.
Но тука не завршило се, туку во приказната се вмешал Уставниот суд кој ги поништил сите одлуки на фудбалскиот сојуз и потоа настанал хаос кој се пренел и во наредната сезона.
„Да не беше Славко Шајбер и да не ја поништеше заслужената титула на Партизан, ќе игравме две години по ред во Купот на шампионите. Поради влијанието на разни лоби групи, таму отиде прво Звезда, а наредното лето Вардар. Да бевме на нивно место, како што и требаше да биде, веројатно повеќе квалитетни играчи ќе играа кај нас, отколку во Звезда. Објективно можеби пред нив ќе станевме шампиони во Европа“. Не зборувам на памет. Партизан во период од две и пол децении, четири пати правеше голем тим. Најпрво со Милко Ѓуровски, Вучичевиќ, Вокри...Освоивме две титули и да купевме уште 2-3 играчи веројатно ќе бевме на позицијата на Звезда. Во план ни беше и Синиша Михајловиќ, а најблиску до Партизан во тоа време беше Дарко Панчев. Со македонскиот напаѓач направивме договор и сакаше да му пратиме уште банкарска гаранција. Но потоа се вмеша Звезда и...“ изјави неодамна Жарко Жечевиќ, еден од водечките луѓе на тогашниот Партизан.
Што се случуваше во последното коло во 1986 година?
Се играло во сабота на 14 јуни. Партизан и Звезда имале ист број на бодови, но први биле црно-белите поради тоа што имале подобра гол разлика од само еден гол. Звезда гостувала на стадионот Кошево во Сараево, а Партизан бил домаќин на Железничар.
Неколку дена пред клучното коло во фудбалските кругови смрдело на смислена режија, а во хотелот Европа на Башчаршија, во очи на дуелот Сараево – Звезда, судиите вечерале заедно со новинарите и претставниците на двата клуба.
Сараево бил актуелен шампион, но низ град се зборувало дека Звезда ќе им ја наполни мрежата, а Железничар кој имал многу асови во тимот и кој претходната сезона бил полуфиналист во Купот на УЕФА, ќе биде згазен во Белград.
Додека едниот меч доцнел, Звезда со двата гола на Ѓуровски веќе водела со 0:2. Кога Милан Јанковиќ погодил за 0:3, во Белград по 18 минути игра немало голови. Партизан повел во 26 минута и додека црвено-белите биле во соблекувална, нивните ривали во 40-та и 42 минута исто така имале 3:0. По едно одиграно полувреме веќе сите знаеле за што се работи.
Четвртиот гол Звезда го постигнала во 49. минута, а стрелец повторно бил Милко Ѓуровски и откако овој меч завршил, Партизан исто така стигнал до 4:0 и се подготвувал за славје.
Во Сарево новинарите ги остреле перата и не можеле никако да го пронајдат тренерот на домаќините, Бошко Антиќ од кого барале одговори, како може бранителот на титулата кој таа сезона дома немал ниту еден пораз, така лесно да прими четири голови и да не направи шанси пред голот на Звезда.
Еден час после мечот, во автобусот на црвено-белите тишината ја прекинал Жарко Џуровиќ:
„Првенството е загубено, имавме резултат, игра, титула...Сами сме виновни“.
Милко на тоа рекол: „Баш ми е гајле, јас следната сезона ќе играм во Куп на шампиони“.
„Чисто се сомневам, ти имаш уште три меча суспензија од УЕФА, а Партизан ќе испадне во прво коло“, му одговорил дефанзивецот Славко Радованоиќ.
Тие денови се зборувало дека Ѓуровски договорил трансфер во големиот градски ривал и потоа тоа се потврдило, тој заминал во Звезда каде тогаш потпишал и Драган Стојковиќ Пикси. Последниот меч за Партизан Милко го одиграл максимално поштено.
Звезда, Партизан, Железничар и Сарево не биле единствените екипи кои учествувале во местење. Динамо, предводен од Ќиро Блажевиќ ја понижил Војводина во Нови Сад со 7:1, а Загрепчани оделе на висока гол разлика бидејќи им била потребна за пласман во Куп на УЕФА. Но ни тоа не им помогнало поради резултат 1:1 меѓу Челик и Ријека. На едните тоа им било доволно за Европа, а на другите за опстанок.
Хајдук пак го добил Динамо Винковци со 5:3, а гостите постигнале 3 голови, бидејќи Давор Чоп се борел да стане прв стрелец во лигата и тоа му успеало со 22 постигнати голови по што си обезбедил трансфер во Емполи.
Наместено било и црногорското дерби меѓу Будуќност и Сутјеска 5:5, како и Маршал Тито Вележ – ОФК Белград 2:3. Единствените два меча на која немало ништо сомнително биле Осијек – Слобода и Приштина – Вардар. Причината била јасна. Никој ништо не бркал.
И додека на стадионот ЈНА се славела десеттата титула на Партизан, Славко Шајбер се спремал за радикална одлука и ја донел шест дена по завршувањето на последното коло.
„Сите сомнителни натпревари во последното коло ќе се играат одново, а клубовите за кои постојат докази дека се занимавале со нечесни работи, следната сезона ќе ја почнат со -6 бодови“, стоело во соопштението на ФСЈ.
Сите освен Партизан и Динамо Загреб постапиле по одлуката на сојузот. Тие се заканиле со кривични пријави против првиот човек на фудбалскиот сојуз, Загрепчани попуштиле, но Партизан останал доследен.
„Ако играме одновно, тоа значи дека ќе признаеме дека сме местеле“, изјавиле од Партизан.
Звезда во преиграниот меч загубила во Сараево со 2:1, но на другиот меч играчите на Партизан не се појавиле и гостите службено го добиле мечот со 3:0. Титулата отишла на Маракана поради подобра гол разлика овој пат на Звезда. Но и тоа било привремено.
И покрај најавите Партизан не бил исфрлен од лига и следната сезона ја почнал со казна од 6 бода. Додека траел судскиот спор, шампион на Југославија во 1987 година станал Вардар со Панчев, Најдоски, Канатларовски, Чеде Јаневски... и тоа со само бод повеќе од црно-белите.
Покрај Црвена Звезда, шанса за настап во Купот на шампионите добил и Вардар, а тоа било болна вест за навивачите на Партизан кои потоа го дочекале пресвртот и конечната судска одлука која била на нивна страна:
„Нема докази за наместени натпревари, се поништуваат сите одлуки на Фудбалскиот сојуз на Југославија“
Со тоа се укинала и казната со одземање бодови, па така црно-белите официјално биле прогласени за шампиони и во двете сезони во 1986 и 1987 година.
Првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Југославија после аферата која ја потресе земјата, бил уапсен во Виена откако се обидел преку граница да шверцува злато. Наместо да ја исчисти фудбалската мафија, тој влегол во политички друштва.
Славко Шајбер починал во 2003 година во Загреб, а планираните мемоари не успеал да ги напише.
Три децении после најголемиот скандал во историјата на југословенскиот фудбал уште не е расчистена до крај аферата „Шајбер“. Кој профитирал? Кој е оштетен? Ниту отвореното признание на Џаро не допринело за да се разјаснат работите.
„Шајбер тогаш ме праша дали сум наместил 17 натпревари од прва и втора лига. Тоа не е точно. Наместив 18“
Извор: mozzartsport