Христијан Илиевски 5 часа беше испрашуван од обвинителот Роберто Де Мартино за вмешаноста во скандалот Калчоскомесе кој беше откриен во 2011 година. Кориере дело спорт пренесува детали од неговиот втор исказ.
Киево – Новара
„Првиот меч кој беше наместен е Киево – Новара во Куп на Италија. Ден претходно пристигнав во Италија, се видов со Џервасони, се сместив во хотел во Верона каде што беа фудбалерите на Новара и кај мене дојдоа тројца од нивната екипа. Тоа се Никола Вентола, еден Албанец по име Шала и уште еден кој не ми текнува како се вика, но ако го видам на слика ќе го препознаам. Спомнуваа и четврти играч, а тоа беше голманот. Им дадов на тројцата 150.000 евра и договорот беше Новара да загуби со три гола и со хендикеп. Добро заврши бидејќи Новара загуби 3:0. Ми рекоа дека голманот (Фонтана) бил многу религиозен и дека не сакал да учествува во местенката. На крај си го земал својот дел, но се покајал и пола од парите ги однел во црква. Му дадов 30.000 евра на Џервасони за тоа што ги договори средбата и контактот со играчите. Кога бев сигурен за резултатот, од телефон вложив 400.000 евра на еден кинески сајт. Се разбира играњето ми беше со доверба, бидејќи го познавав Тан Сит Енг (босот на меѓународната организација). Добив дупло, односно 800.000 евра“.
Според пишувањата на Кориере, во Киево не знаеле за наместениот меч, додека играчите на Новара не биле казнети.
Бари – Ливорно
„Одработив и за Бари – Ливорно 4:1 (меч од Купот на Италија одигран на 1 декември, 2010 година, ден после Киево – Новара). Одев преку Бресан Алфонсо Де Лучиа, голман на Ливорно. Се сретнавме во еден туристички локал блиску од Ливорно и договоривме пораз на Ливорно со три гола и хендикеп. Коефициентот падна и наместо 100.000 евра кој му ги ветив, му дадов 60-70.000 евра“.
Новара – Сиена (еден од двата меча за кој под истрага беше и Антонио Конте)
„Нашите контакти беа Каробио и Бертани. Резултатот кој го договоривме беше 4+. Не дадовме многу пари, бидејќи коефициентот беше мал и знаев дека во Италија на крај на сезона екипите се договараат. Каробио требаше да зборува со некои од своите за да дадат два гола и истовремено и тој да даде. Работите завршија како што ни кажаа Бертани и Каробио.“
Лацио – Џенова
„Во 2 по полноќ ми се јави Џервасони, а другиот ден веќе требаше да летам за Рим. Отидов во еден хотел, а дојде и Ѕамперини со БМВ. Ми рече дека може да ја намести Лацио – Џенова и дека може да одиме на Формело, во тренинг центарот на Лацио. Влеговме внатре на паркинг и го чекавме Маури. Бев изненаден што ме однесе таму, токму во базата на клубот. Маури дојде и се запознавме, а Ѕамперини му кажа дека јас сум човекот кој може да му даде пари за да наместат натпревар. Му реков дека може да му дадам 350.000 евра за 3+ и победа на Лацио. Маури ми одговори дека од него како подарок ќе ни обезбеди сигурен резултат на полувреме 1:1. Со Маури направив и една фотка, бидејќи е познат фудбалер, Изминативе години сменив многу телефони, но ако ја побарам можеби ќе ја најдам. Пред мене се јави кај Милането за да му најави дека ќе дојдат двајца кај него за да се сретнат со играчите на Џенова. Се сретнавме во Милано, но тој ми рече дека местенката не може да биде гарантирата бидејќи на тој меч за Џенова ќе играат многу странци од кои не е лесно да се побара такво нешто. Пред да се вратиме во хотел со Ѕамперини бевме во една кладилница кој ја знае тој. На крај заработив 150-200.000 евра и на Ѕамперини му дадов 50.000 евра како поздрав до Маури и 20.000 за него. Се разбира не сум сигурен дека Маури го добил својот дел, парите му ги дадов во центарот на Милано. Инаку во Милано се сретнав и со Џервасони, на вечера со Гегиќ во луксузниот јапонски ресторан на Сидорф. На друга маса се сеќавам дека беа седнати Галијани и Кафу“.
Останатите натпревари за кои признал Илиевски се Лече – Лацио, Сиена – Пјаченца и Аталанта – Пјаченца, а следните две испрашувања се закажани за петок и понеделник.
извор: Corrieredellosport