Без потценување на шпанската пресметка меѓу Атлетик Билбао и Валенсија, како и на дуелот меѓу Тотенхем и Борусија Дортмунд кои се второпласирани екипи во Премиер и Бундеслига со заостанување од 5 бода зад лидерите, дербито од осминафиналето во Лига Европа е во Англија.
Историјата меѓу Манчестер и Ливерпул датира од 19 век или поточно од 28 април 1894 година кога Ливерпул славел со 2:0 против Невтон Хет, името под кое бил основан Манчестер Јунајтед.
Овие две екипи се сретнале 194 пати. Јунајтед има 79 победи, Ливерпул 64, а 51 средба завршила нерешено. Под водство на Луи ван Гал, Црвените ѓаволи имаат 4 од 4. Победа од 3:0 во декември 2014-та, потоа 2:1 во март 2015-та, 3:1 во септември истата година и 1:0 на 17 јануари годинава со голот на Вејн Руни кој поради проблеми со коленото ќе ги скокне двете средби.
„Ако успееме да стигнеме по петта победа во низа, тоа ќе биде заслуга пред се на играчите. Секако дека е куриозитет тоа што ги добив сите дуели против Ливерпул откако сум тренер во Англија. Знам дека е важен овој натпревар за нашите навивачи и се надевам дека ќе им подарам уште две победи во ЛЕ“, вели холандскиот стратег.
Англискиот печат ја претстави двојната пресметка меѓу овие две екипи како еден вид криза во двата табора кои се далеку од тоа што беа во Лига на шампиони.
Освен што ова дерби заедно со „Ел Класико“, Суперкласико“, „Дерби дела Мадонина“ и уште неколку се смета за едно од најголемите во однос на ривалството, тежина плус има и нивната богата историја со трофеи.
Манчестер Јунајтед брои 62 од кои 55 национални и 7 меѓународни трофеи, а Ливерпул до сега има освоено 59 од кои 48 во Англија и 11 меѓународни. Од тие 194-те пресметки издвојуваме бесни ремија.
4 јануари 1994 – Ливерпул – Манчестер Јунајтед 3:3
Пеколни 24 минути за домаќините кои беа торпедирани од Стив Брус, Рајан Гигс и Денис Ирвин. Но за Ливерпул финалето во Истанбул не е единствено на кое покажаа како се игра по 0:3. Најџел Клот постигна два гола уште во прво полувреме со што ја крена мотивацијата на тимот по паузата. Во вториот дел падна само еден гол, дело на Нил Рудок кој ја натскока гостинската одбрана и ги постави конечните 3:3.
1 октомври 1995 – Манчестер Јунајтед – Ливерпул 2:2
Ова дерби е незаборавно поради многу нешта. Фудбалерите на Ливерпул се во зелено-бела комбинација, Роби Фаулер е бланширан како во средно, но постигна два гола на Олд Трафорд. Никој не може да украде вниманието кое беше свртено кон „Кралот“ Ерик Кантона кој се врати на терен по суспензијата од 9 месеци заработена со епскиот кунг фу удар врз навивач. Прво му мести гол на Ники Бат, па израмнува од пенал на 2:2.
50% на Типстер типуваат на Ливерпул, 30% на Манчестер Јунајтед, а 20% на реми.