Друловиќ се реши во репрезентацијата да ги врати Димитровски, Спировски, Муарем, Ивановски, Мојсов, Стјепановиќ и Алиоски, фудбалери кои не фигурираа често кај Бошко Ѓуровски.
Нови лица во националниот тим ќе бидат Леонард Жута од шведскиот Хакен и голманите Столе Димитриевски и Филип Гачевски, кои ќе му бидат резерви на капитенот Томе Пачовски.
„Пачовски е искусен голман кој одлично брани во Вардар. Гачевски оваа пролет го сруши рекордот во македонското првенство и заслужи повик во репрезентацијата. Димитриевски е во Гранада и тој е млад и перспективен голман. Пачовски ќе треба да им го пренесе своето искуство“, го започна денешното обраќање Друловиќ.
Србинот ја разјасни ситуацијата околу Пандев и Попов, за кои на првата прес конференција кажа дека ќе се обиде да ги врати во репрезентацијата.
„Зборував со Пандев и ми кажа дека во моментов не е ниту физички, ниту психички подготвен да одговори на сите барања на репрезентацијата. Имаше лоша сезона во Галатасарај и се надевам дека сега кога ќе се врати во Италија ќе ја врати старата форма. Се надевам и дека од септември ќе го имам во репрезентацијата, бидејќи многу значи за тимот. Што се однесува до Попов, на таа позиција се одлучивме да повикаме млади играчи кои имаат иднина“, изјави Друловиќ.
Заедничкиот собир репрезентативците ќе го имаат на 5. јуни, а со Словачка играме на 14. истиот месец во Жилина.
Списокот на селекторот Друловиќ за дуелот со Словачка:
Голмани: Томе Пачовски (Вардар), Филип Гачевски (Брегалница), Столе Димитриевски (Гранада Б);
Одбрана: Ванче Шиков (Австрија Виена), Владимир Димитровски (Керкира), Даниел Мојсов (Лирс), Александар Тодоровски (Заглебие), Кире Ристевски (Тирана), Стефан Ристовски (Латина), Езџан Алиоски (Шафхаузен), Жута Леонард (Хакен).
Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб), Стефан Спировски (Вардар), Остоја Стјепановиќ (Висла Краков), Душко Трајчевски (Работнички), Александар Трајковски (Цулте Варегем), Бесарт Абдурахими (Локерен), Ферхан Хасани (Брондби), Муарем Муарем (Карабах), Агим Ибраими (Марибор);
Напад: Мирков Ивановски (Видеотон), Крсте Велкоски (Сараево), Јован Костовски (Леувен).