Македонија има лоша традиција од седум меча без победа против селекцијата на Словачка која е прва во нашата група со максимален број од пет победи. Љубинко Друловиќ посакува деби со позитивен резултат. Нашиот национален тим веќе пет години нема победено на гостински терен.
„Не чека многу важен меч против квалитетна екипа која е фаворит на хартија и која ги победи Шпанија и Украина. Но ние имаме наши амбиции и би сакал да почнеме со позитивен резултат. Задоволен сум од досегашните припреми и имаме уште два дена за подготовки. Словачка има врвни играчи кои може да ни бидат инспирација. Очекувам дека ќе бидеме вистински тим кој ќе ги оправда очекувањата на македонската јавност. Од играчите барам компактност и секој од нив да знае што да работи. Треба да бидат блиску и кога се со топка и без топка. Речиси 80% од тимот кој ќе настапи го имам во глава и на следните тренинзи ни останува уште нешто да дефинираме“, изјави Друловиќ.
Македонските репрезентативци Томе Пачовски и Агим Ибраими се задоволни од работата на новиот селектор и ветуваат максимална борба во Словачка.
„Не очекува тежок меч, имаме нов селектор кој внесе позитивни работи и за кој сите имаме високо мислење.. Одиме во Словачка, знаеме дека е тежок противник кој има пет победи. Се надевам дека ќе ја изненадиме македонската јавност со позитивен резултат. Ја анализиравме нивната игра и нема да одиме таму за да се откажеме, туку да се надигруваме“, вели Пачовски
„Работевме многу овие денови и се надевам дека од Словачка ќе се вратиме со позитивен резултат. Со новиот селектор имаме нова атмосфера и со компактна игра и дисциплина во одбраната верувам дека ќе се вратиме со позитивен резултат“, рече Ибраими
Од планираните повикани репрезентативци селекторот на Македонија нема да може да смета на повредените Јован Костовски и Ванче Шиков
Натпреварот се игра в недела во Жилина со почеток од 20:45.
Утринава Друловиќ и неговите избраници беа на прошетка во Матка.