Фудбалерите на Јувентус според пристапот и дисциплината во играта сосема заслужено стигнаа до втората по ред шампионска титула на чизмата. Уште на стартот на сезоната се наметнаа како фаворити за круната, исто како и Манчестер Јунајтед, Барселона и Баерн Минхен во другите најсилни лиги.
Јувентус не успеа да ја повтори минатогодишната сезона во која првенството го заврши без пораз, но затоа покажа уште позрела игра, со одлична одбрана која прими само 24 гола, но и поголема разлика во бодови.
Лани титулата ја освои со 84 бода и со само 4 бода предност пред Милан, а оваа сезона беше недостижен и на крајот заврши со 87 бода или 9 предност пред второпласираниот Наполи, 15 повеќе од Милан и 33 повеќе од Интер.
Тимот кој во 2010 и 2011 година заврши на 7 позиција на табелата ги живее најубавите денови по големите проблеми со скандалот „Калчополи" поради кој му беа одземени 2 титули и беше исфрлен во втората лига.
Ова практично претставува нова ера за Јувентус предводен од претседателот Андреа Ањели, син на моќниот Умберто Ањели кој почина во 2004-та и кој беше назначен за прв човек на клубот во 1955 година на само 21 година. На тренерската позиција „Бјанконерите" го имаа темпераментниот Антонио Конте кој како поранешен нивни играч стана миленик на навивачите.
И покрај проблемите кои ги имаше со властите во Италија кои го суспендираа со 10 месечна забрана за водење на клубот, Конте ги надмина тешкотиите. Правдата ја бараше по судски пат и казната му беше намалена на 4 месеци, а за тоа време Јувентус го водеше неговиот помошник.
Доминацијата на Јуве се должи и на одличните меѓусебни дуели против екипите од горниот дел на табелата. Во вториот дел од сезоната тимот од Торино освен поразот од Рома, ремизираше против Наполи, а славеше над Милан, Интер, Лацио и Фиорентина. Бодови кои се најважни за зацврстување на лидерската позиција.
Јувентус оваа сезона покажа заби и на европската сцена и во Лигата на шампионите оствари одлични резултати. Во група со Шахтар, Челси и Норсдјеланд заврши непоразен со 12 бода на челната позиција, а го исфрли и актуелниот европски шампион Челси.
Квалитетите ги покажа и во осминафиналето каде убедливо на гости го совлада Селтик, а пласманот го потврди и со триумф пред своја публика. Ждребот не беше на нивна страна кога во четвртфиналето за противник го доби Баерн Минхен кој ја игра најдоминантната сезона во историјата.
Раководството на Јуве веќе почна да прави крупни чекори и во својата политика на водење на клубот. Му го продолжи договорот на можеби најдобриот играч во своите редови, Артуро Видал кој како дефанзивец во средниот ред се покажа одличен на сите делови од теренот, а со своите голови реши многу мечеви.
Видал ќе остане верен на клубот до 2018 година со годишна плата од 4 милиони евра, 1,5 повеќе од што заработуваше до сега. Навивачите очекуваат и некое бомбастично засилување со кое ќе станат уште посилни на меѓународната сцена, а најспоменувано име е Игуаин од Реал Мадрид.