Добро, што е со тревата на Градски, да не ја пуши некој?

Тревата па тревата. Секоја година вади ставај и пак не ја бива. Да ги викнеме Германците. Ем дупло поевтино, ем веројатно поквалитетно.

Вардар го елиминираше Силекс во четвртфиналето од Купот на Македонија, во сабота ќе ја пречека Беса во полуфинале и толку, потоа заедно со Работнички ќе треба да бараат друг терен за следните неколку мечеви.

Од недела на неа не ќе може да се игра, стадионот ќе биде затворен месец дена, бидејќи ќе има нова реконструкција на тревната подлога пред квалификацискиот меч против Велс кој се игра на 25 март.

Да е прв пат. Истото се случи и лани.

Прво Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, пред две години констатираше дека тревата е заболена од болеста питиум (растителен паразит).

И пред да ја дочекаме Англија на 20 ноември 2023-та, нашиот најубав и најголем стадион конечно доби убава трева.

Ја објаснуваа како хибридна, односно мешавина од вештачка и природна, со многу поголем животен век од претходната, која беше исклучиво природна. 

И после еден таков зафат кој чинеше 400.000 евра, инаку донација од ФФМ преку УЕФА, се случи првото целосно менување после 11 години.

Но во ноември минатата година после триумфот над Фарски Острови, на тревата за прв пат се пожали селектор Боби Милевски кој рече дека состојбата на теренот не е нормална.

Во меѓувреме, Баерн објави видео од нивната трева на Алијанц арена која ја заменија со нова за двојно помалку пари од нас или поточно за 200.000 евра.

Па дајте да ги викнеме Германците.

Од јули 2023-та до ноември 2024-та или за 16 месеци имаме објавено 10 статии за проблеми со тревата на Градски. Десет. И пак не чини. Ја полива ли некој воопшто?

Одиме со ред, хронолошки:

Бугарите се жалат на тревата на Градски

Пркна тревата на Градски во пресрет на Македонија - Италија

Како изгледа „Градски“ на 2 дена пред Италија?

ФФМ ќе го прави теренот на Градски како на Маракана

Тревата на Градски била заболена од паразит

Нова трева на Градски, трета мајка

На Градски се мести подлога што почна да личи на трева

Како изгледа процесот на поставување нова трева на Градски?

Како изгледа тревата на Градски за вечер?

Милевски: Состојбата со теренот не е нормална

27 февруари 2025 - 11:48