Милевски: Состојбата со теренот не е нормална

Македонската фудбалска репрезентација со години се бори против лошата трева на Градски. И таман кога помисливме дека е џам направена, пак не чини, а двојно повеќе пари се дадоа од онаа на Алијанц арена.

Сагата со тревата кулминираше лани во септември против Италија, кога повеќе личеше на нива за садење компири, отколку на фудбалски терен.

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор констатираше дека тревата е заболена од болеста питиум (растителен паразит).

Потоа пред да ја дочекаме на 20 ноември Англија, нашиот најубав и најголем стадион конечно доби убава трева.

Ја објаснуваа како хибридна, односно мешавина од вештачка и природна, со многу поголем животен век од претходната, која беше исклучиво природна. 

И после еден таков зафат кој чинеше 400.000 евра, инаку донација од ФФМ преку УЕФА, се случи првото целосно менување после 11 години.

Македонија ги победи Ерменија, Летонија и Фарски Острови во групната фаза од Лига на нации, но очигледно, според изјавата на селекторот Боби Милевски, пак не штима нешто со тревата.

„Ја користам оваа прилика до кој и да е надлежен, дека фудбалерите треба да играат во најдобри услови за игра. Состојбата со теренот не е нормална, намерно досега не кажав ништо, момците работеа трпеливо, дадоа се од себе и навистина сметам дека заслужуваат подобар терен“, изјави Милевски после триумфот над Фарски Острови.

И додека кај нас како и во сите области, па така и со тревата сè се прави со тетеравење и пењавење, Баерн Минхен објави фотографија од Алијанц арената со која покажа дека ја отстраниле цела трева.

Причината за тоа се оштетувања предизвикани од неодамнешниот натпревар од НФЛ-лигата меѓу Каролина пантерс и Њујорк џајантс.

Според нивниот план, Баерн ќе намести комплетно нова трева која треба да биде готова за петок кога го пречекуваат Аугсбург.

Билд пишува дека новиот терен е составен од хибридни тревни ролни, кои се поставуваат многу брзо благодарение на современата технологија.

Трошоците за замена на теренот се проценети на околу 200.000 евра.

Кај нас тоа фати двојно повеќе и пак не ја бива. И никој не излегува јавно да каже што е па сега проблемот со тревата и каде е направена утката, а не па да ја направи саглам за век векова.

Државата е заболена од паразит, а не тревата.

18 ноември 2024 - 12:08