Дел Боске го брани изборот

Селекторот на репрезентацијата на Шпанија, Висенте дел Боске, веднаш одговори на критиките кои беа упатени на негова сметка, а се однесуваа на изборот на тактиката со која се спротивстави на првиот натпревар на Европското првенство против репрезентацијата на Италија.

Бранителот на трофејот од пред четири години дуелот со Италијанците го почна со дури шестмина играчи од средниот ред и токму тоа беше причината за серијата реакции пред се на неговите колеги, а меѓу најгласните беше шефот на стручниот штаб на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, кој играта на Шпанија ја оцени како стерилна.

"Се решив за ваква постава бидејќи примарна цел на овој натпревар беше нашиот тим ја има доминацијата на средината од теренот. Идејата беше да имаме висок процент на посед на топката, а воедно да направиме притисок уште во првата фаза од градењето на нападот на Италијанците. Иако на теренот имаше шест фудбалери од средниот ред, Давид Силва, Фабрегас и Иниеста одлично се уфрлуваа од втор план и успеавме да создадеме неколку идеални шанси за гол", изјави Дел Боске.

Шпанскиот стратег истакна дека Фабрегас одлично ја завршил улогата на напаѓач, а тоа го потврди со голот постигнат во 64-тата минута и го израмни резултатот на 1:1.

"Сеск беше извонреден, тој одигра добар натпревар и на крајот успеа да постигне гол. Во финишот од мечот решив да играме уште поофанзивно и затоа му дадов шанса на Торес. Откако тој влезе во игра имаше уште неколку чисти можности да постигнеме гол, но за жал не успеавме да ја затресеме мрежата на противникот", заврши Дел Боске.

Шпанија во второто коло од Европското првенство се среќава со Република Ирска, а натпреварот ќе се одигра на 14 јуни во Гдањск, а противник на "црвената фурија" во последниот натпревар е селекцијата на Хрватска и тој дуел на програмата е на 18 овој месец.

11 јуни 2012 - 16:46