Македонската фудбалска репрезентација од почеток настапи во формација 4-3-3, а новиот селектор Гоце Седлоски се реши за претежно стандардна формација која изнесе и најголем дел од квалификациите и во Лига на Нации.
Данците стартуваа офанзивно, имаа посед, воспоставија свој ритам и најчесто се обидуваа со удари од далечина.
Претежно Хојбјерг, Дамсгард и Хојлунд го тестираа Столе Димитриевски кој бранеше одлично.

Црвено-жолтите не покажаа дрскост која ги красеше против поголемите селекции во изминативе години, срамежливо тргнуваа во по некоја контра или полуконтра но сето тоа завршуваше во последната третина од нападот.
До полувреме Димитриевски го сочува својот гол но во вториот дел следуваше данска канонада.
Само што почна вториот дел Данците поведоа, Хојлунд поведе една акција а по гужва пред нашиот гол Димитриевски одбрани, Ерера припомогна со лизгачки старт но на одбиената топка налета Дамсгард кој погоди за 1-0 и голема радост на трибините.

Десетина минути подоцна Барди го упати првиот удар на Македонија во рамки на противничкиот гол во 56' минута.
Веќе во 58' минута Дамсгард центрираше а фудбалерот на Лацио Исаксен го матираше Димитриевски за 2-0. После само неколку секунди само што Македонија тргна од центарот, Данците го дадоа и третиот гол и тоа повторно Исаксен кој начека една одбиена топка за 3-0.
Се обиде селекторот Седлоски со три измени и нови фудбалери на теренот да смени нешто но во 75' минута Ериксен изведе маестрален корнер и практично го совлада Столе Димитриевски од корнер но на гол линијата Норгард со глава само го потврди погодокот.

На крајот конечни 4-0 за Данска која во финале ќе игра против подобриот од дуелот Чешка - Ирска а Македонија ќе игра пријателска против поразениот од овој натпревар.