Артан Груби, десната рака на Али Ахмети и водачот на навивачката група „шверцери“ од Чаир во „славната“ тепачка со вардаровите „комити“ на Кале, меѓу трофеите на својата партија, како што се судовите и Парламентот, ја наброја и ФФМ.
„Засега Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), нема донесено конечна одлука за тоа дали Вардар ќе биде прогласен за првак. Имаме свои тела, тие треба да се изјаснат за тоа. Не можам сега да кажам дали ние ќе имаме првак за оваа сезона или не. За ова допрва ќе се решава“, изјави генералниот секретар на ФФМ Филип Поповски.
Ова вадење жешки костени уследи откако портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, во вибер-групата преку која комуницира со спортските новинари, ја денунцираше намерата на раководството на ФФМ да не биде прогласен шампион во тековното првенство. „Нема да се прогласи шампион, процесот на лиценцирање е сè уште во тек, а потоа ќе се одредат екипите кои ќе играат во европските купови“,напиша гласноговорникот.
ФФМ се повика на Пропозициите за натпреварување, според кои нема одиграно доволно натпревари во Првата лига (70 отсто) за да се официјализира табелата како конечна. Иако и во повеќе европски првенства не беа одиграни доволен број натпревари, па сепак Белгија, Франција, Шкотска и БиХ прогласија шампиони поради вонредните околности сезонава со пандемијата на ковид-19.
ФФМ носеше контрадикторни одлуки. Прво лидерите од Втората лига ги промовираше во прволигаши, иако во тој ранг не е одиграно ниту половина од првенството, а камоли 70 отсто, па потоа реши ниедна екипа да не испадне од Првата лига, што требаше да значи и проширување на првенството за наредната сезона. Иако најави ревизија на одлуките, кои многумина ги нарекоа исполитизирани, тоа ги потпали страстите.
Политизирањето на македонскиот фудбал доби потврда во кампањата на ДУИ уште од пред неколку месеци, кога меѓу трофеите на својата партија, како што се судовите и Парламентот, ја наброја и ФФМ. Артан Груби не беше нималку нежен како водач на навивачката група „шверцери“ од Чаир во „славната“ тепачка со вардаровите „комити“ на Кале. Десната рака на Али Ахмети се сокри кога беше споменат како организатор на дивеењето на „шверцерите“ во новиот објект на Македонскиот народен театар, а жртва, покрај скапиот инвентар, беше само директорката на таа институција. Целта беше постигната – билдање етничка нетрпеливост!
Ахмети рече дека е дојдено времето Албанец да биде премиер. Така и ДУИ лани сметаше дека е дојдено време нивен емисар да располага со буџет од 10 до 15 милиони евра годишно, колку што легнуваат на сметката на ФФМ по разни основи. Со тоа ДУИ покажа невидена дрскост кога јавно се фали со партиско освојување на власта во ФФМ, без страв од последици по македонскиот фудбал. УЕФА честопати казнувала федерации поради мешање на политиката во „нејзините ингеренции“.
Не ме чуди што Илчо Ѓоргиоски, претходниот лидер на ФФМ, инаку некогашен сосед и соиграч од мал фудбал на Никола Груевски, „без конкурс“, односно без противкандидати, толку лесно му ја предаде фотелјата и платата од 4.000 евра на својот наследник Муамед Сејдини, анонимус и во „албанскиот фудбалски блок“, кој тоа место сигурно не го заслужи ниту по политичкиот, ниту по фудбалскиот бекграунд. Мжеби единсвено по корените – потекнува од село Зајас. Ѓоргиоски очигледно ја доби потребната заштита за своето претходно сомнително работење, а ДУИ доби на располагање милиони евра, што се надвор од внатрешна (а изгледа и надворешна) контрола. Буџет од извонредно значење за секоја партија на власт. Јавна тајна е дека за време на мандатот на Ѓоргиоски, фудбалски пари се прелеваа за партиски потреби на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, кога градоначалник беше Марјан Ристески.
Дали Груби индиректно го даде и одговорот зошто Финансиската полиција толку бавно ја води јавно обелоденетата истрага за финансиски злоупотреби во ФФМ, за која, замислете, најодговорна излезе – секретарката! Демек таа успеала да краде милиони пред очите на своите претпоставени потписници на сметка, на кои не им фали влакно од главата.
Немам ништо против тоа Албанец да го води ФФМ. И самите Албанци ќе ви посочат успешни бизнисмени и менаџери, фудбалски работници со мадиња да се спротивстават на партиски апаратчици, како и легенди од теренот кои навистина го разбираат фудбалот од сите можни аспекти кои би можеле да го заменат „консензуалниот претседател на ФФМ“, како што го нареков Сејдини по изборот. Тој сега има шест пати поголема плата од неговите колеги-доктори Албанци кои на Инфектиквната клиника во моментов деноноќно спасуваат животи. Коалицискиот партнер беше во Комитетот за итност на ФФМ уште кога Ѓоргиоски беше фудбалски суверен под капата на Груевски, во периодот на голема љубов меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Период кој ќе се памети и по една од „бомбите“. ФФМ, очигледно, поради популарноста и парите, останува најлукративната спортска цел на партиите, цел што оправдува средства од типот на „ендекот на Мартин Протугер“.
Нема да биде првпат популистиите на чело на македонските партии спроти избори да се обидат да играат на картата на етнички тензии. Можеби оттаму е и обидот на паразитската ДУИ (С. Орданоски), која е на власт речиси без прекин од своето формирање, без оглед на тоа која „македонска опција“ ја предводи владата, преку фудбалот непотребно да ја подгрева атмосферата,
Тоа што ќе го науми ДУИ, ќе го оствари, рече Артан Груби. Дали меѓу другите „науми“ е Вардар да не биде шампион, и покрај предноста од 10 бода по 23 кола?