Дали можеше да се избегне инцидентот?

Пред дуелот од второто коло во А групата меѓу Полска и Русија, Варшава наликуваше на бојно поле. Стравувањата дека низ улиците на главниот град на Полска ќе се случуваат сериозни инциденти се реализираа и епилогот на низата физички пресметки е десетина повредени и 159 приведени навивачи од двете страни.

Откако се случија инцидентите, дел од челниците УЕФА истакнаа дека е направен превид и дека можеби требаше да се смени терминот на одигрувањето на натпреварот. Датумот на одигрување на натпреварот е одреден според жрепката, но понекогаш не треба стриктно да се држи до неа бидејќи секогаш има простор за мали корекции.
Имено, мечот се играше на ден кога во Русија се слави прогласување на суверенитетот и 12 јуни во земјата е национален празник.

Ако се знае дека нетрпението меѓу Русите и Пољаците трае со векови, а се уште се паметат настаните од поновата историја јасно е дека некому требаше да му падне на ум дека пред овој меч може да има големи инциденти.

Но, се случи тоа што се случи и како по стариот добар обичај по некој сериозен проблем се размислува како во иднина да се избегнат слични или не дај боже потешки инциденти. За среќа тепачките низ улиците на Варшава минаа без жртви.


Анонимен претставник на УЕФА за некои медиуми изјави дека во иднина ќе се внимава на вакви ситуации се со цел да се избегнат потешки инциденти.

"Да се сменеше датумот на одигрување на натпреварот мислам дека се ќе минеше без проблем. Нема сомневање дека тензии ќе постоеја бидејќи односите меѓу двата народа одамна се заострени, но се ќе беше во ред натпреварот да се играше еден ден порано или подоцна", вели претставникот на УЕФА.

Патем локацијата на одигрувањето на мечот беше идеална за пристигнување на голем број на руски навивачи. Сообраќајните врски со главниот град се одлични, можете да се избере било кој начин на транспорт и да се стигне до главниот град.


По сето она што се случи воопшто не е важно кој прв почнал. Полицијата некако успеа да ја стави ситуацијата под контрола и според последните информации зад решетки завршиле 159 лица, но конечната бројка може да биде и поголема.

Судири меѓу навивачите имало и ќе има, но мора да се најде начин, ако тоа е воопшто возможно да се сведат на минимум, а за тоа покрај организаторите ќе мора да внимаваат и луѓето кои раководат со светската и европската фудбалска асоцијација.

13 јуни 2012 - 03:10