Австрија по трет пат во историјата ќе игра на едно Европско првенство. Играа во 2008 и 2016. Пред 5 години во Франција Австријците не ја поминаа групната фаза, а сега со селекторот Франко Фода ќе бараат нова шанса. На Светско првенство Австрија не играла од 1998-ма година.
На 19 мај годинава Франко Фода, австрискиот селектор објавил широк список од 30 играчи а на 24 мај го скратил составот на 26 фудбалери кои ќе патуваат на ЕВРО2020.
На ФИФА светската ранг листа Австрија е на високото 23. место.
Голмани: Даниел Бахман (Вотфорд), Павао Перван (Волфсбург), Александер Шлагер (ЛАСК)
Одбрана: Давид Алаба (Реал Мадрид), Александар Драговиќ (Црвена Звезда), Марко Фридл (Вердер Бремен), Мартин Хинтерегер (Франкфурт), Штефан Лајхнер (Менхенгдлабах), Филип Линхарт (Фрајбург), Штефан Пош (Хофенхајм), Криштофер Тример (Унион Берлин), Андреас Улмер (Салцбург)
Среден ред: Јулиан Баумгартлингер (Леверкузен), Криштоф Баумгартнер (Хофенхајм), Флоријан Грилич (Хофенхајм), Штефан Илсанкер (Франкфурт) Конрад Лаимер (Лајпциг), Валентино Лаѕаро (Интер), Марсел Сабицер (Лајпциг), Луис Шауб (Луцерн), Ксавер Шлагер (Волфсбург), Алесандро Шупф (Шалке)
Напад: Марко Арнаутовиќ (Шангај Порт), Михаел Грегорич (Аугзбуг), Саша Калајџиќ (Штутгарт), Карим Онисиво (Мајнц).
Селектор: Франко Фода.
КОИ СЕ НАЈПОЗНАТИ ИГРАЧИ НА АВСТРИЈА?
Составот воглавно е сочинет од ѕвезди од Бундеслига. На прв поглед најприметни од оваа лига се Давид Алаба, Јулијан Баумгартлингер и Забитцер.
Лидерот на одбраната на Баерн Минхен Давид Алаба откако освои сè што можеше да се освои со Баварците, реши да потпише со Реал Мадрид каде го чека нов предизвик, нови соиграчи, нов тренер. Ќе командува во играта на Австријците на Европско.
Во нападот со сигурност најпознат е Марко Арнаутовиќ, некогашниот фудбалер на Интер и Вест Хем кој веќе некое време игра во Кина каде лани постигна 19 гола на 30 меча а во новата штотуку почната сезона веќе има 3 гола на 4 меча за лидерот на табелата Шангај Порт кој е и фаворит за титула во кинеската лига.
Арнаутовиќ низ кариерата беше споредуван со Марио Балотели со кого едно време заедно правеле хаос во ноќниот живот на Милано. Важи за мошне темпераментен и избувлив карактер кој неретко се спречкува со ривалите и судиите на терен.
Пред крајот на мај 32-годишниот Арнаутовиќ кој има српско потекло, на меч во Кина доживеал мала повреда на бутниот мускул на десната нога и најверојатно ќе го пропушти пријателскиот дуел со Англија.
Иако Арнаутовиќ е најпознат, сезонава најдобар австриски играч беше изненадувањето во Бундеслигата Саша Калајџиќ, центарфор висок дури 2.00 метри, роден во Виена од српски родители.
Сезонава во Германија младиот 23-годишен Саша Калајџиќ постигна дури 17 гола (16 во Бундес и 1 во Купот) и имаше 6 асистенции на 33 натпревари. Проценет е на 22 милиони евра и за него веќе се борат големите европски клубови.
Кариерата Калајџиќ ја почнал во СВ Донау Јут, играл во Донауфелд Јут, во првиот тим на СР Донауфелд, во Адмира II, и во Адмира Вакер од каде во јули 2019-та за 2,5 милиони евра преминува во Штутгарт. За репрезентацијата на Австрија дебитираше скоро, на 14 октомври 2020 и веќе има 3 гола на 5 меча.
ФОРМАЦИЈА И ТАКТИКА
Селектор на Австрија е 55-годишниот Германец Франко Фода, роден во Мајнц. Во играчката кариера Фода играл како одбранбен фудбалер во Кајзерслаутерн, Арминија Билефелд, Сарбрикен, Баер Леверкузен, Штутгарт, Базел и Штурм Грац.
Запишал и 2 настапи за некогашна Западна Германија.
Тренерската кариера ја почнал во клубот во кој ја заврши играчката - Штурм Грац (99 настапи, 1 гол). Откако поминал речиси 13 години како помошен и главен тренер во Штурм Грац, една сезона го води Кајзерслаутерн, па повторно се враќа во Австрија во Штурм Грац на кој му носи титула во 2010/2011.
Од јануари 2018 станува селектор на Австрија која досега ја водел на 32 меча со супер учинок од 20 победи, 4 нерешени и 8 порази.
https://t.co/wM54M3kcgb pic.twitter.com/OW7JYQItUA
— ÖFB - oefb.at (@oefb1904) May 31, 2021
Австрија најчесто игра во шема 4-2-3-1 или 4-4-2 во состав: Шлагер - Лајнер - Драговиќ - Линхарт (Траунер) - Алаба - Баумгартнер - Грилич - Баумгартлинер (Илсанкер) - Шлагер (Лајмер) - Арнаутовиќ (Калајџиќ) - Забицер
Во веќе започнатите квалификации за Светско 2022, Австрија после 3 меча има 1 победа, 1 нерешена и 1 пораз (убедлив 0-4 од Данска) и е на 4. место на табелата во групата Ф зад Израел, Шкотска и Данска.
На последните 10 средби (квалификации за Светско, Лига на нации и пријателски) Австрија има дури 6 победи, 2 нерешени и 2 порази.
Од посериозните репрезентации, ги совладаа Романија на гости 0-1 и Северна Ирска 0-1 на гости и 2-1 дома, играа нерешено против Норвешка 1-1 и Шкотска 2-2 а изгубија убедливо на последниот одигран натпревар, против Данска дома 0-4 на 31 март годинава.
КОЈ ИМ Е СТАНДАРДЕН СОСТАВ?
Голмани:
Најчесто на голот се менуваат Александер Шлагер (25) и Павао Перван (33).
Шлагер (25 години)
Сезонава од 1 април бранел на сите 11 натпревари за ЛАСК. Примил 23 гола а има учинок 2 победи, 3 нерешени и 6 порази. На тие 11 меча ЛАСК играл против екипи од горниот дел на табелата. Павао Перван е роден во Ливно, Босна и Херцеговина во 1987-ма година. Во кариерата претежно бранел во австриските Швехат, Лустенау 07, Пашинг и ЛАСК Линц. Од 2018-та е резервен голман во германски Волфсбург.
Одбрана:
Штефан Лајнер (28 години) - десен бек
Стандарден десен бек на Австрија. Тој сезонава одиграл 33 меча за Борусија Менхенгладбах, постигнал 2 гола и имал 3 асистенции. На последните негови 8 меча од почеток до крај, Гладбах имал 4 победи, 1 нерешена и 3 порази со гол разлика 20-16 кога тој бил во тимот.
Александар Драговиќ (30 години) - стопер
Високиот стопер има српско потекло, роден е во Виена во 1991 година. Драговиќ направи богата кариера која почна од Австрија Виена па преку Базел, Динамо Киев и Баер Леверкузен стигна и до премиерлигашот Лестер.
Сега пред заоѓање на кариерата потпиша со белградска Црвена Звезда. За Австрија има 88 настапи и 2 гола.
Филип Линхарт (24 години) - стопер
Стандарден централен дефанзивец на Фрајбург (34 настапи, 4 гола, 4 жолти картони) и повремен репрезентативец. Од септември 2017-та е викан за Австрија но забележал само 5 настапи. Се очекува да добие шанса на Европското од селекторот Фода.
Гернот Траунер (29 години) - стопер
29-годишниот Траунер сезонава како капитен на ЛАСК Линц запишал 29 настапи со 4 гола, 5 асистенции и 5 жолти картони, но за Австрија игра мошне ретко затоа што останатите стопери имаат предност во однос на него. Од 16 октомври 2018-та до сега има само 5 настапи за својата земја.
Давид Алаба (29) - стопер/лев бек
Со сигурност најпознат и најквалитетен фудбалер на Австрија. Сезонава стандарден во Баерн Минхен каде одлично командуваше со одбраната. Во репрезентацијата скоро секогаш игра лев бек, така што нашата десна страна ќе има многу работа со него. Со 79 настапи и 14 гола важи за право злато за Австријците. Сезонава со Баерн стана шампион а одигра 32 меча, постигна 2 гола, имаше 4 асистенции и доби 4 жолти картони.
Марин Хинтерегер (28 години) - стопер
Хинтерегер во кариерата играл само во Австрија и во германската Бундеслига каде од 2016-та играше за Борусија Менхенгладбах, Аугзбург и Ајнтрахт Франкфурт.
Сезонава за Ајнтрахт Франкфурт кој заврши на 5. место и обезбеди настап во Лига Европа, Хинтерегер запишал 29 настапи со 2 гола и 3 асистенции. Добил 4 жолти картони. Висок е 1.84 така што би можел да биде незгоден во дуел играта со нашата навала.
Штефан Пош (24 години) - стопер
Младиот Пош исто од Австрија се преселил во Бундеслигата и од 2016-та е во системот на Хофенхајм. Сезонава за бундеслигашот одиграл 26 меча имал 9 жолти картони и 1 црвен. За репрезентацијата на Австрија дебитирал на 10 јуни 2019-та и веќе има 10 настапи и 1 гол. Би можел да биде стартер со Драговиќ или со Хинтерегер.
Андреас Улмер (35 години) - лев бек
Еден од највозрасните во репрезентацијата на Австрија е левиот бек Улмер кој цела своја кариера уште од 1998-ма година игра во својата земја и никогаш не настапил за клуб надвор од Австрија.
Со шампионот Ред Бул Салцбург сезонава ја освои титулата, одигра 30 меча и имаше 3 асистенции како и 2 жолти картони. Во ситуација кога Алаба оди понапред на лево крило, Улмер игра лев бек.
Јулиан Баумгартлингер (33 години) - среден ред
Најчесто последен играч за врска, капитенот на Австрија е оној кој стои пред одбраната - искусниот играч на Баер Леверкузен Јулиан Баумгартлингер. Има 33 години и преку 10 години игра во Германија. Од 2016-та е во Леверкузен. Сезонава не беше многу стандарден, одигра 17 меча со 2 гола и 1 жолт картон.
За Австрија има 82 настапи со 1 гол.
Штефан Илзанкер (32 години) - дефанзивен играч за врска/стопер
Илзанкер со 50 настапи е еден од ветераните во репрезентацијата. Од 31 јануари 2020 е во Ајнтрахт Франкфурт за кого одигра 27 меча сезонава, постигна 1 гол и доби 4 жолти картони.
Важи за исклучително цврст играч зад средниот ред на Австрија а неретко игра и стопер со Драговиќ или Хинтерегер.
Флоријан Грилич (25 години) - среден ред
Везниот фудбалер на Хофенхајм сезонава запиша 26 меча за бундеслигашот, имаше 2 гола и 2 асистенции, а доби и 4 жолти и 1 црвен картон. За Австрија игра од 2017-та и има 21 настап со 1 гол. Проценет е на 18 милиони евра и тоа е доказ за неговиот висок квалитет.
Валентино Лаѕаро (25 години) - крилен напаѓач/крило
Еден од поинтересните играчи во репрезентацијата на Австрија за која има 30 настапи и 3 гола.
Важи за исклучително продорен и брз фудбалер кој поседува префинета техника. На 25 години веќе има богата биографија: играше за Салцбург, Херта, отиде и во Интер за 20-ина милиони евра, потоа се пресели во Њукасл, а сега е во Борусија Менхенгладбах за која сезонава на 22 меча постигна 2 гола и доби 3 жолти картони.
Потенцијална опасност по нашиот гол.
Криштоф Баумгартнер (21 година) - лево крило/среден ред
Роден во 1999-та и важи за еден од двајцата најталентирани австриски фудбалери со Саша Калајџиќ. Баумгартнер игра за Хофенхајм (сезонава 31 настап, 6 гола, 5 асистенции, 7 жолти картони). Проценет е 22 милиони евра и е стандарден австриски репрезентативец.
Ксавер Шлагер (23 години) - среден ред
Шлагер е моторот на Австрија. Од него почнува и со него завршува секој напад на репрезентацијата. Одличен техничар, знае со топка, поседува пристоен завршен пас и добар изведувач на прекини.
Стандарден фудбалер на бундеслигашот Волфсбург чиј среден ред го држи цела сезона (32 настапи, 2 гола, 4 асистенции, 7 жолти картони). Има 19 настапи за Австрија со 1 гол. Најскап австриски фудбалер вреден 27 милиони евра.
Саша Калајџиќ (23 години) - напад
Калајџиќ, како што пишавме погоре е прав хит на европскиот фудбалски пазар летово. Висок 2.00 метри, Саша има супер контрола на топката што е несоодветно на таа висина, а силен е и во дуел играта, незгоден за чување.
На него нашата одбрана ќе треба да обрне посебно внимание зошто мало невнимание би можело многу да не чини.
Марко Арнаутовиќ (32 години) - напад
За Арнаутовиќ горе-долу пишавме во првиот дел од текстот. Најдобар австриски фудбалер со 87 настапи и 26 гола за репрезентацијата. Опасен еден-на-еден, добра стартна брзина, скочен, незгоден во дуел игра при прекини.
Марсел Забицер (27 години) - напад
Ако Арнаутовиќ и Саша Калајџиќ се синоним за високи фудбалери кои знаат со топка и наликуваат на Златан Ибрахимовиќ, тогаш Марсел Забицер е дијаметрално спротивен играч.
Тој е висок 1.77 сантиметри и е многу побрз од колегите од нападот, а може да се каже дека е и повешт со топка во нозе. Има 48 настапи и 8 гола за Австрија, а веќе неколку сезони игра маестрално за РБ Лајцпиг. Сезонава на 27 меча постигна 8 гола со 4 асистенции но доби и 8 жолти картони. Проценет е на астрономски 42 милиони евра и е на мета на неколку премиерлигаши.