Идејата за фудбалски клуб во Мајами, град на кошаркарскиот гигант Хит (игра во финале на НБА), хокеарскиот Флорида Пантерс (игра во финале на НХЛ) и бејзбол Мајами Марлинс, се појавила на крајот на првата деценија од 2000-те години.
Во 2009-та година боливискиот милионер и бизнисмен, Марсело Клауре со помош на шпанска Барселона пробал да основа фудбалски клуб но не стигнал далеку.
Во 2013-та идејата во дело ја спровел Дејвид Бекам чиј договор со МЛС лигата имал и опција за основање на сопствен клуб.
На Бекс му требале пет години за да помине низ целата бирократија па во 2018-та МЛС објавила дека ја проширува лигата и дека се создава нов клуб во Мајами. Во септември истата година го објавиле и името на клубот: Интер Мајами.
Првпат во американската МЛС лига овој клуб заиграл во март 2020-та.
МАЈАМИ Е ЦЕНТАР НА АРГЕНТИНСКАТА ДИЈАСПОРА ВО САД, МЕСИ ИМА ЛУКСУЗНИ АПАРТМАНИ ТАМУ
Мајами е прав избор за семејството на Лионел. По клима е многу сличен со неговата најсакана Барселона (имаше муабет дека не баш им се допаѓала зимата во Париз). Освен тоа, Флорида е држава со најбројна аргентинска дијаспора во САД. Во топ 10 најаргентински градови во Америка Мајами е број 1.
Покрај тоа Лео има стан во Мајами. Тој во 2021-ва година купил таму елитни апартмани за 8 милиони евра.
ИНТЕР ИГРА НА ПРИВРЕМЕН СТАДИОН, А НОВИОТ САМО ШТО ПОЧНАЛ ДА СЕ ГРАДИ
Интер Мајами кој имаше и корпоративни закачки со италијански Интер кој сакаше да ги тужи поради правата на името, има скромно стадионче. Играат на DRV PNK Stadium кој има капацитет од 18.000 месета. Таму сега ќе игра најдобриот на светот.
Но ова е привремено решение. Клубот веќе гради нов стадион Freedom Park кој ќе собира 25.000 гледачи. Дејвид Бекам сакал овој стадион да се отвори во 2022-ра година но клубот долго време чекал дозвола за градба. Дури минатата година добиле одобрение за позајмица на земјиште кое му припаѓало на поранешниот голф клуб Мелриз, а позајмицата е на 99 години.

Вредноста на изградба на нов стадион е проценета на 1,3 милијарди долари.
Интересно, холандскиот голман во екипата Интер Мајами, Ник Марсман рекол дека клубот во моментов не е баш спремен да го пречека големиот Меси:
„Лично јас сметамд ека не сме спремни за негово доаѓање. Имаме привремен стадион, навивачите без проблем можат да втрчуваат на терен. Нема никакви заштитни огради. Влегуваме на стадион без обезбедување. Мислам дека во клубот уште не се спремни. Но секако се надевам дека ќе дојде“, рекол голманот на Мајами Марсман.
КОЈ ИГРА ВО ИНТЕР МАЈАМИ? ИМААТ РАСЕН СТРЕЛЕЦ ОД ВЕНЕЦУЕЛА И УКРАИНЕЦОТ КРИВЦОВ

Составот на Мајами не е ѕвезден ниту по мерките на полу-аматерската МЛС лига. На пример во Интер Мајами игра Деандре Једлин, десен бек кој пред МЛС играше за Сандерленд, Њукасл и Тотенхем. Во Мајами е пола година а веќе му дале капитенска трака.
Во одбраната е Сергеј Кривцов од Шатхјор Доњецк, 32-годишен стопер кој ни на сон не помислил дека ќе игра во ист тим со Меси.
Во нападот им е Џозеф Мартинез, МВП на МЛС лигата од 2018-та кога дал дури 31 гол за Атланта во една сезона. Но сега веќе не е во топ форма.
Според Transfermarkt Интер Мајами е некаде на 24. место од 29 клубови во МЛС лигата по вредност и квалитет. Но без Меси.
ДОСЕГА ЕКИПАТА ЈА ТРЕНИРАЛ ФИЛ НЕВИЛ А СЕГА АРГЕНТИНЕЦ ОД МЛАДИНЦИТЕ
Буквално пред една недела клубот му потпишал отказ на Фил Невил. Тој работел во Интер Мајами повеќе од две години (бил втор тренер по Уругваецот Диего Алонсо кој неодамна стана селектор на својата земја).
„Понекогаш мора да се носат тешки одлуки и за жал, чувствуваме дека дојде време нешто да се мени. Сакам лично да му се заблагодарам на Фил за неговата тешка работа, неговата страст кон нашиот фудбал и за неговата чесност како човек“, рекол Дејвид Бекам откако му дале отказ на неговиот некогашен соиграч од Манчестер Јунајтед.
Екипата привремено како в.д. тренер ја води Аргентинецот Хавиер Моралес. Тој не играл за репрезентацијата иако цела кариера ја поминал во Аргентина и САД. Сега има 40 години, а од 2019-та година е во Интер Мајами каде работел во младинската акдемија. На почеток на сезоната влегол во стручниот штаб на Фил Невил како помошник тренер а сега добива шанса како главен да го води најголемиот на светот: Меси.
КОЈ ИГРАЛ ЗА ИНТЕР МАЈАМИ ПРЕД МЕСИ?
Најголеми ѕвезди кои го носеле розевиот дрес на клубот од Флорида се Гонзало Игуаин и Блез Матуиди. Во екипата играл и постариот брат на Игуаин, Фредерико кој е права легенда во МЛС.
Шпанскиот играч од среден ред Алехандро Посуело не стана ѕвезда во Ла Лига но во МЛС беше избран за играч на годината. Но тоа пред да дојде во Интер Мајами. Сега е играч на турски Коњаспор. За Интер Мајами играле и Киран Гибс и Рајан Шоукрос кои дошле од англиските лиги.
За пар сезони за Интер Мајами играле дури 8 Аргентинци а сега од нив се останати само двајца и плус ќе им дојде Меси. Не случајно се Интер(национале).
КАКО ИМ ОДИ ВО МЛС?
Фил Невил не бил случајно отпуштен. Екипата ужасно лошо ја стартувала сезоната и сега е на последно место во Источната конференција во МЛС. Имаат само 5 победи и дури 11 порази.
За 3 сезони екипата ниту еднаш не поминала ниедна фаза од плејофот. Во првата сезона испаднале во првата рунда, во втората не ни влегле а во третата биле елиминирани во 1/8 финале.
КОЈ Е СОПСТВЕНИК?
На почеток во групата инвеститори со Дејвид Бекам биле и боливискиот бизнисмен Марсело Клауре и бриатнскиот продуцент Сајмон Фулер на кои им се приклучил и јапонскиот бизнисмен Масаеши Сон. После Бекам ги откупил акциите на Фулер а дошле и двајца браќа инвеститори - Хорхе и Хозе Мас, Кубано-Американци, синови на милијардерот Хорхе Мас Кањоса, владетел на градежната компанија MasTec од Мајами. Хорхе-помладиот е претседател и на шпанска Сарагоса каде имаат мнозински пакет акции.
*****************************************************************