Меси: Никогаш не сакавме да заминеме од Барселона, беше многу тешко, но сега ми треба малку душевен мир

Лионел Меси потврди дека заминува во Мајами и дава многу логично објаснување зошто сака да ја напушти Европа. Зборува многу за Барселона, клубот кој му е во срцето и во кој посакува еден ден да се врати во некаква функција. Планот со семејството им е да живеат таму. Отворена рана му е после тоа што му го направија.

Лео се отвори во интервју за Мундодепортиво, а во долгиот разговор главна тема е Барселона.

Многу тешко му било и нему и на неговото семејство кога морале да заминат и посакува вистинско збогување со луѓето за кои вели дека заедно живееле, уживале и страдале.

Се чувствува горчината што на таков неочекуван начин мораше да се раздели со Барса. Вели дека во управата сигурно има луѓе кои не го сакаат назад.

Сите биле дома возбудени за неговиот можен кам бек, но не било така едноставно, а како дел од причините биле да се продадат играчи или да им се намалуваат платите, нешто кое тој не го сакал.

Тој отворено вели дека не сака да поминува низ истите грди сцени и неговата иднина да зависи од други, како и дека клубот денеска не е во позиција 100% да потврди дека може да се врати.

Одбил европски тимови затоа што целта му била дека ако не излезе враќањето во Барселона, да замине во САД со иста желба за победи, но со повеќе мир и посвета на семејството.

Како се чувствува Меси?

Се чувствувам добро и смирено откако ја завршив сезоната. Тоа беше нетипична година со играње на Светско првенство во сред сезона. Тоа го направи сè да биде поразлично. Сега размислувам за натпреварите со репрезентацијата и на одморите.

Бројките во Париз не беа лоши. Со какви чувства завршува твоето патување во ПСЖ?

Со измешани. Вистината е дека првата година ми беше многу тешка од различни причини. Во првите шест месеци од втората година се чувствував многу многу удобно во клубот и во градот со моето семејство. Во средина беше Светското првенство со кое мислам дека селекциите ја одбележаа сезоната поради толку важното натпреварување. Очекував да заврши поинаку, но ете тоа беа две години кои генерално ми беа тешки.

Ја следеше ли Барса? Ти недостигаше ли?

Да, очигледно да. Првата година ми беше многу тешка по заминувањето. Постојано ги следев, им ги гледав натпреварите и секогаш копнеев по спомените и како е да може да се биде таму.

Претпоставувам дека беше среќен кога ја освоија Ла Лига?

Да, секако. Ги следев цела година и сакав Барса да освои, исто како и сите навивачи. Разговарав многу со Чави, зборувавме за некои натпревари, после натпревари, за некои ситуации...Разговаравме многу откако стана тренер.

Во врска со можното враќање, донесе ли одлука?

Да, вистината е дека многу сакав, бев возбуден што ќе можам да се вратам, но од друга страна, откако го доживеав она што го доживеав и заминувањето кое го имав, не сакав да се најдам во иста ситуација повторно: да чекам да видам што ќе се случи и да ја оставам иднината во рацете на друг. Сакав да донесам сопствена одлука, размислувајќи за себе и за моето семејство. Иако слушнав дека се зборуваше дека Ла Лига прифатила сè и дека сè е во ред за да се вратам, сепак требаше да се направат многу други работи. Слушнав дека морале да продаваат играчи или да ги намалат платите на играчите, а јас не сакам да поминам низ тоа. Веќе ме обвинуваа за многу работи кои не беа вистинити во мојата кариера во Барселона и веќе бев малку уморен, не сакав да поминувам низ сето тоа. Кога требаше да заминам, Ла Лига исто така прифати да ме пријават и на крајот тоа не можеше да се направи, па се плашев да не се повтори истото.

Од сите причини, која ти тежеше најмногу?

Да имам своја одлука и да не чекам повторно и дека истото што веќе ми се случи, може да ми се повтори. Откако постигнав сè благодарение на Бога и конечно го освоив Светското првенство кое го посакував толку многу, сакав да барам нешто друго и малку душевен мир.

Што ти велеше семејството? Кога и да можеа, бегаа во Барселона.

Беа возбудени за сè што слушаа, но во исто време не бевме толку возбудени бидејќи реалноста беше дека сè уште не знаевме што може да се случи. Но тие беа желни да се вратат. Никогаш не сакавме да заминеме од таму, беше многу тешко, но тие ме поддржуваат и тоа е одлука донесена како семејство, не само моја. Среќни за новата промена, истовремено и тажни што си заминуваат. На почетокот беше тешко, но сега се повеќе од адаптирани во Париз. Имаат свои пријатели на училиште и боли што ќе треба да се одвојат. Веќе се големи, Тиаго ја разбира ситуацијата и е среќен за тоа што ќе дојде.

Од клубот рекоа дека речиси 99% зависело од тебе, но нешто недостасувало за таа понуда. Како ти ја доживеа?

Слушнав по малку од сè што беше кажано, што излегуваше, што кажа Чави, но беше малку од она што тој го зборуваше неодамна. Ла Лига даде ок, но е дека одлуката е моја, бидејќи многу работи недостасуваа, Летото е долго и не сакав да поминувам повторно низ сè она што низ што поминав. Преферирав да ја донесам одлуката порано, да бидам смирен и да размислувам за празниците, за мојата иднина и за сè она што можам да го планирам.

Дали почуствува притисок од информациите кои доаѓаат од Барселона?

Не, затоа што излегоа многу работи. Не знам од каде, но имаше многу вести, а некои новинари ме пренесоа насекаде. Потврдија дека ќе одам во Арабија, па во Барселона и следниот ден ја менуваа верзијата.

Влијае ли на одлуката тоа што се случи пред две години кога сакаше да потпишеш, а потоа виде дека не можеш и мораше да го отцепиш семејството од Барселона?

Беше многу тешко. Една од причините што ја објаснив е да не поминувам низ сето тоа повторно. Тоа беше многу грда сцена. Требаше да почнав повторно со тренинзи, а децата со нивните училишта и нивните навики. Кога сè беше подготвено за потпис, преку ноќ, тоа не можеше да се направи и ми рекоа дека не е можно и морам да го напуштам клубот. Морав да брзам и да барам нов тим, да донесам избрзана одлука и да поминам низ сето тоа низ кое поминавме, а беше тешко. Разговарав многу малку со претседателот Лапорта, еднаш или два пати. Имам многу комуникација со Чави и многу почеста откако пристигна во клубот.

Дали и овие две години во Париз влијаеа на одлуката?

Малку да, бидејќи како што неодамна кажав, тоа беа две години во кои не бев среќен, не уживав, а тоа влијаеше на мојот семеен живот. Имав среќа да постигнам сè во фудбалот и сега тоа оди малку подалеку од спортот, што исто така ме интересира мене, а многу, многу повеќе семејството.

Ве контираа ли Лапорта и Чави? Разговаравте ли во текот на овој процес?

Со претседателот Лапорта зборував многу малку, еднаш или двапати. Имам многу комуникација со Чави. Разговаравме и за можноста да се вратам. Бевме многу возбудени, бидејќи кога нешто ќе излезеше, разговаравме дали навистина сака да се вратам, дали е тоа добро за тимот и за него и одржувавме комуникација.

За сето ова време твоето име се скандира на Камп Ноу, на концерти... како го доживеа тоа?

За мене беше прекрасно и уживав, бидејќи вистината е дека откако заминав, заминав на чуден начин, би сакал да се збогувам како што беше направено сега со Буси, Жорди или како што се случи со Чави и Иниеста на времето. Би сакал да заминам така, да можев добро да се поздравам со луѓето, иако беше време на пандемија и не можеше да има луѓе на стадионот. Надвор од фактот дека љубовта е секогаш тука и е обострана, чудно беше чувството да се слушне на Камп Ноу и да не се биде таму.

Колку беа важни парите во вашата одлука? Дури се коментираше дека би играл за Барселона бесплатно. Точно е тоа?

Вистината е дека парите никогаш не ми биле проблем или воопшто пречка. Никогаш не ни зборувавме за договорот овој пат. Беше спомнат предлог, но никогаш писмен, потпишан предлог, бидејќи сè уште немаше ништо и не знаевме дали тоа ќе биде можно или не. Имаше намера, но не разговаравме за пари. Да беа во прашање пари ќе одев во Арабија или на друго место. Ми изгледаа како многу пари и вистината е дека мојата одлука беше за другата страна, а не за пари.

Мислиш ли дека Барселона направи сè за да те ангажира?

Искрено не знам. Тоа е нивно прашање. Знаев за што зборува клубот со Чави. Се вели дека добиле дозвола од Ла Лига, но не беше само тоа. Многу работи недостасуваа. Клубот денеска не беше во позиција 100% да потврди дека можам да се вратам. И тоа е разбирливо поради сутуацијата низ која минува.

Дали мислиш дека има луѓе во клубот кои не те сакаат или мислат дека твоето присуство може да биде проблем?

Не знам. Но сигурно има луѓе кои не сакаат да се вратам, исто како што не сакаа да останам кога требаше да заминам. Како што има многу луѓе што ги познавам и кои сакаат да се вратам и тие го изразија тоа и го кажаа јавно. Сигурно во управата има луѓе кои не сакаат да се вратам и кои веруваат дека моето враќање не е добро за клубот.

Дали твоето со Барса е отворена рана која не престана да крвари?

Малку да, зашто не можам да се збогувам со луѓето како што би сакал и како што мислам дека би заслужил. Како што заслужија и направија играчите што ги наведов. Јас испаднав лошиот човек во филмот и тоа не ми се допадна многу затоа што не беше така. Затоа би сакал во одреден момент да имам вистинско збогување со луѓето со кои живеевме, уживавме и страдавме. Тоа беа многу години и би сакал да се збогувам како што се чувствувам.

Би сакал еден ден да се вратиш во Барса? Како технички секретар, играч, амбасадор...?

Да, би сакал да бидам блиску до клубот. Уште повеќе, ќе одам да живеам во Барселона. Тоа е една од јасните работи што ја имаме со мојата сопруга и децата. Не знам кога, но се надевам дека еден ден ќе можам да придонесам нешто за клубот и да помогнам, бидејќи тоа е клуб што го сакам. Ја ценам љубовта што ја имав од луѓето во текот на мојата кариера и би сакал повторно да бидам тука.

Последниве месеци претпоставуваме дека сте живееле со одредена анксиозност. Дали има нешто што посебно те има повредено или можеби си мислел дека тоа можело да те спаси?

Многу работи беа кажани, толку многу работи протекоа, многу лаги беа кажани, но не можам да излезам и да демантирам сè што е кажано. Многу новинари кажуваат многу лаги и потоа ништо од тоа не се случува. Следниот ден повторно се случува истото. Да, имаше многу работи што ми пречеа, на пример кога зборуваат многу за моето семејство. Зборуваат за работи без да ги знаат.

Ова со Мајами е ново. Дали и Бускест ќе оди таму со тебе?

Тоа е една од другите работи што беа кажани, дека во Арабија ќе одам со Буси и Жорди, дека веќе се имаме средено. Но секој си ја бара својата иднина. Никогаш не се договоривме да одиме некаде заедно. Ја донесов мојата одлука за себе и не знам што ќе прават. 

Кога велиш дека сакаш да излезеш од фокусот на што мислиш? Дека сакаш да излезеш од центарот на вниманието, надвор од високата конкуренција?

Напуштање на Европа. Имав понуди од други европски тимови, но не ги разгледував затоа што идејата ми беше да одам во Барселона и ако не излезе, да се анализира и да се напушти европскиот фудбал. Тоа е нешто што ми требаше, особено по освојувањето на Мундијалот, да ја завршав кариерата на оваа страна и да ја живеам лигата во САД на поинаков начин. Да уживам од ден на ден многу повеќе, но со истата одговорност и желба да победувам и секогаш да ги прават работите добро, со повеќе мир.

Виа

8 јуни 2023 - 12:04