Ученикот на Зденек Земан

Да ја тепаш Барса со напаѓачки фудбал треба да си Ди Франческо

„Умешноста на војување“ од кинескиот воен теоретичар Сун Цу е омилено дело на тренерот на Рома кој синоќа демонстрираше како да го победиш непријателот кога е појак од тебе.

Минатата пролет реномираниот Corriere dello Sport излезе со наслов: „Мисијата на Ди Франческо - да ја препише историјата“. И додаде: нема пострашен непријател од скептицизмот.

Помина една година, а Рома веќе е во полуфинале на Лига на шампиони.

За само една година Ди Фра како што го вика Curva Sud целосно ја смени екипата. Навивачите на Рома му се доверија, му поверуваа и за возврат добија 32-годишен стопер да му побегне на Алба и да ја однесе Рома таму каде што не била 34 години.

Во Тригорија веќе не останаа скептици.

Еузебио Ди Франческо е роден на 8 септември 1969. година во Пескара. Во играчката кариера важеше за неуморен фудбалер од средниот ред. Играше за Емполи, Лукезе, Пјаченца, Рома (101 настап, 14 гола), Анкона и Перуџа. За репрезентацијата на Италија забележа 12 настапи од 1998 до 2000 и постигна еден гол.

По завршувањето на играчката кариера почнал да работи како тим-менаџер во Рома а набрзо се сели во фудбалското подземје на Италија - станува спортски директор на анонимниот Вал ди Сангро од Серија Ц2. Дури во 2008-ма почннува да се бави со тренерска професија кога го назначуваат за тренер на Виртус Ланчано.

После ги води уште Пескара, Лече и Сасуоло (четири сезони) за на крајот да дојде во Рома. Ди Франческо не е тренер кој многу бара на теренот. Тој вели: „Сакам играчите да ми бидат лекомислени и екипата да ми биде таква. Ми требаат фудбалери, а не роботи“.

Еузебио напредувал секојдневно. Го изучувал германскиот систем на развој на фудбалерите, ги натерал младите повеќе да читаат и помалку да мислат на резултатите. Негови главни откритија се Марко Верати и Берарди.

Во Сасуоло едно време Алберто Малезани го замени Ди Франческо, но изгуби пет меча по ред и Еузебио повторно го вратија на работа.

После две години „неро-вердите“ направија чудо и стигнаа дури до Лига Европа а Ди Франческо го нарекоа тренерот со најголем стил во Италија. Често носи елеци, одела и има уредно обликувана брада. Поради слабиот вид тој носи големи наочари.

Токму така изгледа и неговата екипа на теренот. Играат елегантно и брзо по крила од каде брзо стигнуваат до противничкиот гол. Рома во просек има 18 удари кон противничкиот гол по што е лидер во Серија А.

Ваквиот стил на игра Ди Франческо го научил од стариот боем Зденек Земан. Еузебио играл кај Земан во ’90-те години и од него учел занает за формацијата 4-3-3 но отиде подалеку од својот ментор.

„Зденек го напаѓа противникот секаде и секогаш. Мислам дека нема смисла да ја бркаш топката по секоја цена. Во тоа е разликата“, вели Ди Франческо за оновниот принцип на Чехот кој инсистирал и на постојани центаршути.

Рома игра висок пресинг но целата екипа не трча по топката. Ди Франческо ги претпочитал класичните постулати на Ариго Саки: интензивност и компактност. Високата поставеност на одбраната до минимум ги смалува можностите за маневар на противникот.

На пример кај Еузебио креатор на играта најчесто е замислете, лев бек. Играта на Рома ја води Коларов за кого Гвардиола сметаше дека е ветеран. Преку левото крило почнуваат дури 39% од нападите на Рома а Србинот има по 57 контакти со топка во просек по натпревар и е меѓу Топ-5 играчи во Италија по количество на точни додавања (71 сезонава). Коларов шутира повеќе и од Ченгиз Ундер и Патрик Шик.

Кога Коларов е покриен, Рома игра преку Де Роси. Даниеле одамна не важи за најдобар играч од средниот ред во Италија, секоја година неговата просечна оцена паѓа но дури и на 35 години тој е способен да издоминира над Ракитиќ и Бускетс. Гол и асистенција во еден меч против Барса е учинок каков што Де Роси немал на 18 меча во Серија А.

Уште еден дечко отпишан во Манчестер, ја игра можеби најдобрата сезона во кариерата. Кај Спалети Един Џеко постигна дури 29 гола, но никогаш не играше така разновидно како денес. Џеко не само што дава голови туку има и асистенции - лидер е во Серија А по точни пасови.

Един игра на линија на офсајд и често им бега на одбранбените играчи иако има 32 години и носи 84 килограми на себе.

Најголем „виновник“ за тоа е Ди Франческо кој со години практикува 4-3-3 а на најважниот меч во кариерата ја постави формацијата 3-5-2 и победи.

„Изненадувањето е најдобар пријател во војната. Направи го тоа што не го очекуваат“, Еузебио уште во Сасуоло го цитирал кинескиот воен теоретичар и мислител Сун Цу. 

Развојот е основа на неговиот концепт. Сега тренерот кој водеше четири просечни клуба, игра со Рома во полуфиналето на Лигата на шампионите. Можеби ново чудо нема да се случи но едно е сигурно: Ди Франческо не застанува и ќе станува само подобар.