Шериф е главна сензација во Лига на шампиони каде влезе првпат во својата клупска историја откако ги елиминираше албанска Теута, ерменски Алашкерт, Црвена звезда и Динамо Загреб. Но излезе дека сакаат уште повеќе.
Во прво коло од Лига на шампиони го совладаа силниот Шахтјор Доњецк, а во второ на гости среде „Бернабеу“ го победија моќниот Реал Мадрид.
ЗАНИМЛИВОСТИ:
- Шериф Тираспол му го нанесе на Реал првиот пораз во сезоната. „Кралевите“ тргнаа одлично во сезоната: после седум кола се лидери во Ла Лига со 5 победи и 2 нерешени. Во прво коло од ЛШ успеаа да го победат Интер на гости, а сега им се случи Шериф.
После 2 одиграни кола сензацијата Шериф е прв на табела со 6 бода, Реал втор со 3, а Интер и Шахтјор имаат по 1.
- Шериф нема пораз 10 меча во ЛШ вклучувајќи ги тука и квалификациите и плејофот: 8 победи, 2 нерешени
- Тирасполците имаат неверојатна реализација: со само 4 удари од кои 3 во рамки, дадоа 2 гола. Реал Мадрид залудно имаше бомбардирање со 31 шут од кои 11 завршија во рамките. Единствениот гол тимот на Анчелоти го даде од пенал.
- Играчот на мечот, гостинскиот голман Јоргос Атанасиадис имаше дури 10 чисти одбрани од кои 6 беа од шеснаесетникот.
- Во прво полувреме Реал упати 13 удари кон голот на Шериф, ама грчкиот голман бранеше феноменално. Реал имаше 14 корнери (повеќе само во мај 2014-та на меч против Валенсија).
- Двата гола на Шериф Тираспол ќе се памтат уште долго. Во 25’ минута резултатот го отовори Жасур Јахшибоев. Тој е само втор Узбекистанец кој дал гол во Лига на шампиони после култниот Максим Шацки. Некогашниот фудбалер на Динамо Киев стана прв играч од азиско тло кој дал гол во ЛШ уште во 1999-та. А во 2006-та Максим Шацки му донесе голем бод на Динамо (2:2) против Реал Мадрид.
Тогаш постигна два гола уште во прво полувреме, а во 86’ и 88’ со два гола му возврати Роналдо.
Јахшибоев, стрелец на првиот гол за Шериф, во декември 2020-та завршил во Легија Варшава од каде на позајмица доаша во Шериф. Тренерот на клубот од Тираспол, Јури Вернидуб буквално пред две недели изјави дека е многу среќен што Јахшибоев дошол кај нив.
Победничкиот еврогол во 89’ минута го даде Себастијан Тил. Тој стана првиот играч од Луксембург кој дал гол во Лига на шампиони.
Пазете го податоков: годинава Тил ја почнал во руски Тамбов кој во меѓувреме се распадна, а сега дава страшен гол на „Сантијаго Бернабеу“!
- Уште еден херој на Шериф е бразилскиот стопер Кристијано кој веќе ја запиша третата асистенција во Лига на шампиони и е на врвот на листата асистенти заедно со Антони од Ајакс.
- Буџетот на молдавскиот клуб за сезонава се движел од 5-8 милиони евра. Само од победата над Реал Мадрид Шериф веќе заработил 2,8 милиони евра!
Досега севкупно заработиле повеќе од 22 милиони евра: 15,7 милиони од старт, 1,2 милиони за историски влез во групна фаза и 5,6 милиони евра за две победи. И тука не се сметаат заработки од ТВ права.
Ова значи дека Шериф веќе заработил 4 годишни буџети на клубот. Интересно, цената на голманот Атанасиадис во 2 часа му скокнала за неколку милиони евра.
Од друга страна - Реал Мадрид има состав вреден 793,5 милиони евра! Тоа е за околу 64 пати поскап тим од оној на Шериф Тираспол.
Минатата сезона Шериф не успеа да се справи во квалификациите за ЛШ со Карабах од Азербејџан, а после испадна и од ирски Дандалк на чекор од Лига Европа.
- Во групна фаза на Лига на шампиони играат без својот најдобар шпиц од квалификациите, Луванор (натурализиран Бразилец) кој се врати во Шериф од ОАЕ во јули 2021, а веќе на 29 август после врвните партии во квалификации, одново направил богат трансфер: во Саудиска Арабија.
„Луванор веќе има 30 години, има фамилија, деца да храни. Таму му дадоа четири пати поголема плата. Зошто би останал? За да влезе на „Сантијаго Бернабеу“ и да се слика: Не мислам дека он би покажал нешто против Интер или Реал“.