Чудо на Спортинг Лисабон, го размонтира Бодо Глимт со 5:0 и оди во четвртфинале

Вечерва во Лисабон заврши најголемата фудбалска бајка во Лига на шампиони сезонава. Норвешкиот Бодо (Норвежаните го изговараат Буде) Глимт откако го победи Спортинг Лисабон на првиот меч со огромни 3:0, вечерва во Лисабон прими толку гола во основниот дел, уште два во продолженијата и испадна.

Фудбалерите на Спортинг Лисабон станаа први четвртфиналисти во Лига на шампиони откако на реваншот вечерва на домашен терен направија чудесен пресврт.

Португалскиот состав вечерва од самиот старт нападна жестоко, играше отворено и упати дури шест шута во првите 10 минути, а вкупно 16 во првите 45 минути. На полувреме водеа 1-0 со голот на Инасио во 34' минута.

Во вториот дел иста песна во Лисабон, зелено-белите јуришаа офанзивно, погодија пречка па статива и во 61' минута го распалија стадионот со нов гол за 2-0.

„Жозе Алвалада“ експлодираше во 78' минута кога по прегледан ВАР судијата досуди пенал за домаќинот а сигурен изведувач беше Луис Суарез за огромни 3-0 и израмнета негативата од првиот натпревар.

Во продолженијата Спортинг го нокаутираше грогираниот ривал. Во 82' минута прво Максимилијано Араухо зголеми на 4-0 а Рафаел Нел ги постави конечните 5-0!

Спортинг со вкупен резултат 5-3 оди во четвртфинале на Лига на шампиони. И покрај тоа сите почести сезонава одат кај Бодо Глимт кој во Лига на шампиони го победуваше Борусија Дортмунд, Манчестер Сити, Атлетико Мадрид, Интер и Спортинг Лисабон, некои и убедливо.

Вечерва во Лисабон имаа голема поддршка од свои навивачи кои отпатуваа далеку за да го бодрат клубот од симпатичниот град на крајниот север на Европа.

17 март 2026 - 21:48