Кога минатиот јуни Унаи Емери го назначија за главен тренер на ПСЖ, фудбалерите и навивачите на Спартак Москва, неговиот поранешен клуб, се смееле, а реномираниот руски спортски новинар Василиј Уткин рекол дека Баскиецот не е создаден да работи во голем клуб и дека немал вкус за облекување.
Како да не знаеле што сè претходно освојуваше Емери со Севиља. Вчера вечер бевме сведоци на историски настан, затоа што пред мечот ПСЖ - Барса однапред сè беше против Парижаните. Повреден Тиаго Силва, повреден Тиаго Мота, неред меѓу голманите, негативен скор против Барса (како ПСЖ, така лично и Емери).
А притоа клубот од престолнината нема ништо решено ниту во првенството како што имаше лани ова време. После синоќешните 4:0 против “Повеќе од клуб“ (Mas que un club), светот со големо уважување гледа на ПСЖ кој веќе со една нога е во четвртфиналето на ЛШ.
Најзаслужен за тоа е Унаи Емери со неговто смело тактичко решение.
Во првите шест месеци откако дојде во француската престолнина, Емери постојано беше критикуван од месните експерти и навивачите.
Баскиецот го бомбардирале со критики и ги доведувале во прашање неговите квалификации. Не спуштил глава и со поддршка од својот претседател Насер Ал-Келаифи продолжи да работи по свое.
И во моментот кога само што не го ’нокаутираа’, Унаи се издигна и ги стави критичарите на свое место со тоа што го уништи фаворитот за ЛШ.
Емери синоќа храбро отстапил од основната формација 4-3-3 и се префрлил на 4-2-3-1 и тоа без клучниот играч меѓу одбраната и средината, Тиаго Мота. Сите биле скептици како ќе изгледа младиот неискусен Кимпембе во одбрана, но тој ги врати сите напади на Барселона уште пред шеснаесетникот.
Младиот Преснел не разочара, а имаше поддршка и од Адриан Рабио и Марко Верати кои просто одиграа за 10-ка. Мечот се играше на „Паркот на Принцовите“ и ПСЖ мораше да игра храбро и отворено. Кога ако не сега?
Емери успеа да најде лек за нападите на Барселона, да ги неутрализира во корен. Неверојатно звучи податокот дека Меси не прими топка во противничкиот шеснаесетник цело второ полувреме. Еднаш се обиде да шутира од надвор, но младиот Преснел Кимпембе мирно го неутрализираше.
ПСЖ беше толку ’наапан’ што само во првото полувреме упати 7 удари кон голот на Тер Штеген. Повеќе удари во прво полувреме во Лигата на шампионите имало само против Динамо Загреб, а во второто германскиот голман имаше исто многу работа.
Ако до синоќешниот меч столицата на Луис Енрике се тресеше, по дуелот Унаи Емери сигурно му ја потпиша оставката.