Член на ФИФА: СП 2022 нема да се одржи во Катар

Турбуленциите околу одржувањето на Мундијалот стануваат уште поголеми, откако по Блатер, уште еден висок член на ФИФА го оспори местото на одржувањето на Светското за 8 години.

По сите перипетии околу периодот за одржувањето на контроверзното Светско фудбалско првенство, германски член на Извршниот комитет на Светската куќа на фудбалот, смета дека тоа ќе им биде одземено на Катарците.

„Мислам дека на крајот Мундијалот во 2022 нема да се одржи во Катар. Тоа е мое мислење. Докторите рекоа, дека не можат да гарантираат дека е добро да се одржи Светското во лето на такви услови. Не се работи само за стадионите кои се планира да бидат со системи за ладење, туку ќе има и навивачи кои ќе патуваат на високи температури„, вели Тео Цванцигер во интервју за Спорт Билд Плус

Одржувањето на Светското во Катар пред неколку месеци го оспори и претседателот на ФИФА, Сеп Блатер кој во интервју за швајцарската телевизија РТС рече дека изборот бил грешка.

Извршниот комитет на ФИФА проблемот со високите температури се обиде да го реши со предлог тоа да биде преместено во зима, но на тоа се спротиставија претставниците на лигите затоа што во тој случај ќе избие куршлус во нивните распореди.

Останатите спорни моменти околу најозборуваното Светско првенство во најава е прекршувањето на правата на работниците кои ги градат стадионите, како и аферата со поткупување гласови во ФИФА.

Според Тајмс, првиот човек на фудбалот во Катар, Мохамед Бин Хаман за мито има платено над 5 милиони долари, но овие обвинувања катарските фудбалски власти ги демантираа.

Резултатите од истрагата, етичкиот комитет на ФИФА треба да ги објави на почетокот од наредната година.

10 причини: ЗОШТО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР ЌЕ БИДЕ КАТАСТРОФАЛНО

22 септември 2014 - 14:31