Катарците платиле мито за Светското првенство

Откриен е уште еден скандал за Светското првенство во 2022-та година. Поранешниот потпретседател на ФИФА примил 2 милиони долари мито од катарска компанија и тоа 2 недели откако Катар го доби Светското првенство.

Контроверзиите околу Светското првенство кое во 2022-та година треба да се одржи во Катар никако да стивнат. Англискиот весник The Telegraph откри дека поранешниот потпретседател на ФИФА, Џек Ворнер и неговото семејство примиле мито од катарска компанија по успешното гласање за земјата домаќин на Светското првенство во 2022-та година.

Компанија во сопственост на Мохамед Бин Хамам, тогашен член на извршниот одбор на ФИФА и поранешен кандидат за претседател на светската куќа на фудбалот, на Ворнер му исплатила 1,2 милиони долари.

Ворнер и Бин Хамам

Исплатата е извршена само две недели откако Катар ги доби гласовите за организација на Светското првенство во 2022-та година. Парите биле исплатени за наводни професионални услуги извршени од страна на Ворнер во периодот од 2005-та до 2010-та година.

Синовите на Ворнер добиле 750.000 долари, а уште 400.000 долари биле исплатени на сметката на еден негов вработен.

Според медиумите, целиот случај го истражува и ФБИ, а како сведок во истрагата е вклучен и еден од синовите на Ворнер кој живее во Мајами.

Џек Ворнер во 2011-та година си поднесе оставка од потпретседателската функција во ФИФА откако беше обвинет дека нудел поткуп на членовите на фудбалската унија на Карибите во замена за глас за Мохамед Бин Хамам кој сакаше да го замени Сеп Блатер во претседателската фотелја во ФИФА.

18 март 2014 - 10:22