4000 жртви за реализација на СП Катар 2022

Наредната година не чека Светско фудбалско првенство во Бразил кое сигурно ќе донесе голема возбуда, но никако да стивне темата и да се решат скандалите поврзани со подмитениот Мундијал во 2022 година каде на големо се зборува за нарушените човекови права на работниците.

Британскиот весник „Гардијан" неодамна објави дека за време на летниот период само од Непал починале 44 градежни работници кои работат на изградбата на стадионите за Светското првенство во Катар.

Но со оглед на тоа што до стартот на тој контроверзен Мундијал има уште 9 години, а работниците се приморани да работат по 12 часа дневно на пеколни температури од 50 степени, Меѓународната Конфедерација на синдикатите излезе со шокантни бројки дека до почетокот на првенството можно е животот да го загубат дури 4.000 работници.

Истовремено со обвинувањата на Конфедерацијата, жесток напад пристигна и од Меѓународната организација за заштита на човековите права, Амнести интернешнл кои ги обвинија властите во Катар дека работниците се третирани како стока.

„Нашите сознанија покажуваат загрижувачко ниво на експлоатација на работниците во градежниот сектор во Катар. Должноста на ФИФА е да испрати јасна порака дека нема да толерира злоупотреба на човековите права на градежните проекти поврзани со Светското фудбалско првенство" се вели во соопштението.

Тие сметаат дека не смее да се дозволи една богата земја како Катар да ги експлоатира работниците мигранти кои работат во тешки услови за работа, живеат во лоши услови и згора на се не земаат плати. 

Сеп Блатер по посетата на Катар изјави дека властите биле решени да ги менуваат законите за работни односи, а потоа и ќе се подобреле условите за живот на работниците кои печалат во оваа земја.

18 ноември 2013 - 19:03