Чичарито е најефикасен стрелец во Премиер лигата

Робин ван Перси постигна најмногу голови во Премиер лигата, но според некои аналитичари тоа не го прави и најдобар стрелец. Својата минутажа на теренот најдобро ја искористил неговиот соиграч Хавиер Ернандез.

Чичарито е единствен фудбалер во Премиер лигата (со одиграни барем 25% од времето оваа сезона), што постигнува голови за помалку од 100 минути. Оваа сезона тој постигна 10 голови, но одигра само 953 минути, односно тој постигнувал по еден погодок на секои 95 минути.

Зад него е Ромелу Лукаку од ВБА со гол на секои 118 минути, а најдобриот стрелец, Робин ван Перси постигнувал гол на секои 120 минути.

Адам Ле Фондре кој беше единствената светла точка во тимот на Рединг е 4-ти најефикасен стрелец, а веднаш зад него е Френк Лампард од Челси кој е најефикасен играч од средниот ред во Премиер лигата.

Фернандо Торес е дури на 51-та позиција со гол на секои 322 минути, но тој сепак е подобар од некои други напаѓачи како Крауч, Замора, Јелавиќ... на кои им треба и по скоро 4 цели натпревари за да постигнат гол.

 

 

4 јуни 2013 - 22:37