Цела Европа ќе користи ВАР, само Премиер лига и еврокупови не

Најдобрите топ 5 лиги во Европа, а и други, решија да користат ВАР (видео-повторување на спорните моменти), само Англичаните и УЕФА за Лига на шампиони и Лига Европа одбија да го употребуваат системот кој докажано ја подобрил играта.

Не требаше многу за во најгледаното првенство на светот, англиската Премиер лига да има спорни моменти:

На мечот Ливерпул - Вест Хем Садио Мане постигна гол од очигледен офсајд:

Овој момент не влијаеше многу на крајниот исход зошто голот на Мане беше трет на мечот кој Ливерпул го доби со 4:0.

Но сега одново се поставува прашањето: зошто во Премиер лига не се воведе ВАР? Англиската е единствена од топ5 лигите која што ја почна сезоната 2018/2019 без ВАР прегледување снимка од спорните моменти.

- Франција донесе решение за употреба на ВАР на сите натпревари во Лига 1, како и во Купот и Лига Купот од четвртфиналето. Првиот пенал во француското првенство сезонава беше досуден по консултација со ВАР на мечот Марсеј - Тулуз (4:0), а единаестерецот го реализираше Димитри Паје.

- Во Шпанија исто - ВАР се употреби на дуелот од Суперкупот меѓу Севиља и Барселона кога судијата им призна чист гол на Андалузијците благодарение на ВАР кој ќе се употребува и во Ла Лига.

- Бундеслига и Серија А минатата сезона го тестираа ВАР и решија во целост да го употребуваат сезонава.

Притоа Италијанската фудбалска федерација одлучи снимките од ВАР да се гледаат и на големите екрани на стадионите, веднаш по одлуката на судијата. Главен аргумент за ова е уважување на присутните гледачи затоа што досега предност имаа само оние крај малите екрани.

Англичаните решија ВАР да го користат дури од сезоната 2019/2020 и тоа само во ФА купот и во Лига купот.

ЗОШТО?

Против ВАР гласале самите клубови: во април на заседанието на Премиер лигата 2/3 од клубовите не го поддржале овој систем. Главна претензија станала лошата комуникација во моментот на носење на одлуката: паузата да се види спорниот момент и консултација со ВАР и судиите горе во просториите наводно за англиските клубови била долга, а навивачите на стадионите ќе немаат можност да ја видат ситуацијата.

Долгата пауза не ги нервира само Англичаните. После финалето на франускиот Лига Куп, центарфорот на Монако Радамел Фалкао изјавил: „На гледање на пеналот се потрошија четири минути и уште четири минути на мојот гол. Кажете ми зошто тогаш судијата продолжи само две минути на крајот од мечот?“

Уште една причина за спор е тоа што ВАР не го исклучува во целост човечкиот фактор. На неколку дена пред собирот на англиските премиерлигаши, на пријателски меч меѓу Англија и Италија во пресрет на Светското, судијата Дениз Ајтекин во последните минути од средбата досудил сомнителен пенал за Италија. Ниту ВАР не помогнал:

„Со ВАР ќе биде многу весело на Светското. Ако овој систем работи против нас, подобро да работи сега. Чиста победа и е украдена на Англија“, изјавил Гери Линекер пред почетокот на Мундијалот во Русија.

„Никој не знае што произлегува од ВАР, ниту играчите ниту навивачите“, го искажал незадоволството и шпицот на репрезентацијата на Англија, Џејми Варди.

Пресуден за конечното решение дали да се воведе ВАР или не, бил мечот од ФА Купот меѓу Тотенхем и Рочдејл.

За време на овој меч судијата два пати одлучил да се повика на ВАР, a полемики се отвориле кога му го поништил голот на Сон Мин од пенал поради тоа што Кореецот наводно се залетал, па застанал и шутирал што се коси со правилата.

Судијата му покажа жолт картон и топката му ја додели на Рочдејл.

„За овој натпревар може да зборува секако. Поради новиот систем тешко беше да се посветиш на играта. На судиите им е тешко и јас ги жалам. Но повеќе ми е жал за навивачите кои едвај сфаќаат што се случува во поедини ситуации“, изјавил тренерот на Тотнем Почетино.

Пред почетокот на новата сезона ситуацијата станал уште поапсурдна: фудбалската асоцијација на Англија решила да има видео-повторување но само на клупите за резерви. Тренерите во текот на мечот ќе можат да ги видат спорните моменти на мали екрани, но забрането им е да им се обраќаат на судиите поради тоа. Кој ќе го прекрши ова правило ќе добие црвен картон.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ ИСТО БЕЗ ВАР

Уште на пролет годинава УЕФА одби да употребува VAR во новата сезона: натпреварите од Лига на шампиони и Лига Европа ќе пројдат без видео-повторувања и покрај скандалите во полуфиналињата лани.

„Лига на шампиони е како Ферари или Порше: вие не може да ги управувате од прва, ви треба тренинг. Секој од нас е должен да научи како системот функционира. Но во некои случаеви не беше сосем јасно ни за навивачите ни за судиите: видов неколку комични ситуации во Германија, во англискиот Куп и во Италија. Не можеме да допуштиме такво нешто. Должни сме да ги решаваме проблемите а не да угодуваме секому“.

КАКО ТОГАШ ВАР ОДЛИЧНО СИ РАБОТЕШЕ НА СВЕТСКОТО?

Видео-повторувањето на спорните моменти докажа дека ја прави играта подобра.

Со помош на ВАР на 64 меча на Мундијалот во Русија се проверија 455 спорни епизоди или во просек по 7,1 моменти по натпревар. Во 20 случаеви главниот судија ја потврди првичната своја одлука, а во 17 случаеви судиите ги сменија своите одлуки.

Интересно, успешноста на системот го објаснува професионализмот на судиите. На Светското работеа судии кои го знаат ВАР од домашните лиги под закрила на УЕФА и ФИФА. Англиските судии не одбија да судат со ВАР и тие добро го користеа системот.

Обуката за ВАР се одвива во центарот за комуникација на овој систем во Италија, отворен во јануари годинава. Претставници на италијанската фудбалска федерација изјавиле дека целта им е да ги обучуваат младите судии но Англичаните одбиле ваква можност.

Недостигот од квалификувани судии за ВАР не е единствен проблем на англиската Премиер лига. На некои од топ стадионите во оваа земја меѓу кои и „Олд Трафорд“ и „Енфилд Роуд“ просто фали голем екран и тоа значи дека навивачите би биле лишени од можноста да гледаат повторена снимка од спорните моменти.

ШТО СЕГА ВЕЛАТ ВО АНГЛИЈА?

По Светското во Русија, Англичаните одново го отвориле прашањето за употреба на ВАР системот. Пред стартот на првенството поранешниот претседател на судиската комисија на Премиер лигата и еден од најуважените судии во Европа Кит Хакет во колумна за Daily Telegraph го нарекол одбивањето ВАР голема грешка:

„Не велам дека ВАР е идеален но при правилно носење на одлуките може многу да им помогне на судиите“, вели Хакет и додава:

„Бројките на ФИФА утврдуваат дека без ВАР судиите донеле 95,6% правилни решенија, а со ВАР дури 99,5% исправни одлуки. Тоа е огромна разлика и не можам да верувам ддека самите судии немаат право на глас кога ВАР ќе биде воведен и се оставени произволно да носат одлуки како до сега“.

 „Грешките се неизбежни, но сега имаме достапна технологија која помага да се направи правиот избор секој пат, особено кога имаме спорни офсајд моменти“, вели Хакет.

Овој некогаш најдобар судија во Премиер лигата вели дека „во Премиер следната сезона ќе почне употреба на ВАР, а ако сезонава имаме многу сериозни грешки, тогаш системот може да се воведе уште кон Божиќ“.

А епизодата со голот на Мане од почеток на текстов е една таква грешка. Нешто слично се случи и на првиот меч од сезоната меѓу Манчестер Јунајтед и Лестер кога Андре Маринер уште во првата минута од мечот досуди спорен пенал за домаќинот.