Бундеслигашот кој собра 1 милион евра за 9 минути и 23 секунди

Додека Лестер распаметува во Англија, во Германија историја пишува берлинска Херта. Германците се збогатија за плус милион евра во рок од девет минути во сезоната во која бркаат евро-купови.

Минатата година, екипата на Херта едвај се спаси од испаѓање од Бундес лигата во последното коло и тоа благодарение на резултатите од другите натптревари. Во моментов Херта е трета во првенството и се остри за настап во Лигата на шампионите после цели 17 години.
 
Покрај тоа Берлинците се пласираа и во полуфиналето на Купот на Германија каде што не биле уште од 1981. година.
 
Во Херта нема ѕвезда како Џејми Варди, но затоа го имаат младиот тренер Пал Дардаи кој ја напушти селекторската функција во Унгарија со цел да се врати дома во Херта Берлин. Унгарците во меѓувреме обезбедија историски пласман на едно ЕП после цели 44 години!

Генералниот директор на клубот е легендата на Херта Мајкл Претц (на сликата), а финансиите ги води Инго Шилер кои стокмиле иновативен проект благодарение на кој клубот постави норми за иднина.

Во втората половина на март, раководителите на Херта апелираа до фановите на клубот со необично барање - да помогнат во собирањето 1 милион евра за иплементација и усовршување на дигиталната технологија која што ќе придонесе за развој на клубот.

Просто кажано, клубот развил апликација со која секој навивач ќе може да ја анализира играта за време на натпреварите и тренинзите. Станува збор за ЏПС мониторинг, најнова технологија за подобрување на скаутинг активностите. Целата програма за развој доби логичен назив - „Херта 4.0" а за реализација на истата биле потребни милион евра.

Потребниот износ за реализација на проектот не се собирал во банка, во фонд или во некаква штедилница, туку секој кој е заинтересиран може да даде од 100 евра до 10.000 евра а за возврат добива акции во клубот.

Голема предност било и тоа што овој облик на финансирање на проектот нема потреба од никаква посета на банка или пополнување на документи, плус донаторот има и достапна лична контрола на токот на парите.

Првпат за оваа инцијатива, раководството на Херта ги известило фановите на 19. март на полувремето од мечот против Инголштад. Собирањето средства почнало два дена подоцна на 21. март во 14:00 часот преку онлајн платформата Kapilendo на која секој може да се регистрира.

Планот бил секој навивач во рок од 60 дена да вложи во овој проект, но после 9 минути и 23 секунди се собрал целиот потребен износ.

„Неверојатно! Многу ми е мило што испадна вака. Ме известија дека од јануари 2015. година кога Капилендо почнал со работа ниту еден проект во Европа не собра толку пари толку брзо", изјави Инго Шилер, човекот задолжен за финансии во Херта.

Големата заинтересираност за предлогот на Херта не се објаснува само со љубовта кон клубот туку и со многу атрактивните финансиски можности. Фактот што Капилендо нуди поволна каматна стапка - во следните 3 години на секои 12 месеци инвеститорот ќе добива по 4,5% од вложеното. Тоа е 1% повеќе од сите германски банки.

Капилендо е всушност посредник на трансакциите и аналитичка агенција која што го проценува нивото на солвентност на должникот.

Сега се поставува разумно прашање: Зошто Херта, клуб со годишен буџет од 88,5 милиони евра треба да се задолжи 1 милион евра од фановите? Отворен разговор за тоа немало, но одговорот лежи во планот на Херта за нов стадион.

Сите клубови во Бундеслигата имаат нови фудбалски стадиони, само Херта го изнајмува Олимпискиот стадион во Берлин (75.000 гледачи) годишно за околу 4,5 милиони евра. Просекот на гледачи паднал на 46,615 по натпревар во последните неколку години.

Последното истражување покажало дека 53% од навивачите сака нов стадион, 23% се против, а останатите не ги интересира.

Договорот за закуп на Олимпискиот стадион завршува во 2017-та и менаџментот на Херта нема алтернатива во случај да не го обнови договорот. Но најзагреаните фанови се решени клубот да изгради нов стадион, удобен со 50.000 гледачи, па ако е потребно ќе почекаат и подолго од 9 минути и 23 секунди.