Репрезентацијата на Македонија го разби малерот и успеа да постигне гол по четирите порази без постигнат гол, а воедно и да ја совлада Бугарија по пауза од 15 години.
Македонија имаше огромна шанса уште во третата минута кога Тричковски се проби од левата страна и во шеснаесетникот го пронајде Јаховиќ кој биеше од прва, но голманот Стојанов успеа да го изблокира неговиот удар.
По здодевната игра и борбата која се водеше на средината од теренот, Бугарија имаше 100% шанса во 28. минута кога Тонев излезе сам пред Пачовски, но нашиот голман го одбрани својот гол.
По десетина минути игра во второто полувреме, Пандев прими топка пред голот на Бугарија, но предолго се местеше и не успеа да упати удар.
На осум минути пред крајот, Стефан Ристовски одлично влезе по левата страна од шеснаесетникот и беше соборен од Христов, а судијата не се двоумеше и веднаш покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна за водство на Македонија беше Агим Ибраими.
Четири минути подоцна, Мојсов прекрасно го проигра Трајковски во празно кој се најде очи в очи со Михајлов и го постави конечниот резултат на натпреварот. Македонија - Бугарија 2:0.
Освен победата, за одбележување овој натпревар е и дебито на Давид Бабунски кој во игра влезе на местото на Горан Пандев и во триесетината минути колку што одигра на теренот докажа дека му претстои светла иднина.