Македонија и Велс предвреме ги загубија шансите за пласман на Мундијалот во Бразил кој се игра наредната година, па од таму вечерашната прва пресметка помеѓу овие две репрезентации се очекува да биде без товар за 22-та фудбалери кои ќе истрчаат на теренот.
Се разбира дека во центарот на вниманието е новиот играч на Реал Мадрид, Герет Бејл и за кој уште од вчера пред хотелот каде се сместени фудбалерите на Велс, постојано "кампираат" по неколку негови фанови кои чекаат автограм од големата ѕвезда.
Македонскиот селектор на вчерашната прес конференција изјави дека доколку настапи, за него ќе нема посебна тактика, но истакна дека е многу важно добро да го превземаат во одбраната и да не го остават сам на 30 метри од нашиот гол, од каде што е најопасен.
Јаневски не откри со кои играчи ќе го започне мечот и рече дека сите 22 му стојат на располагање. Нема информации и за тоа дали Герет Бејл ќе биде во составот уште од првата минута, затоа што селекторот Крис Колман не се појави на вчерашната прес конференција со образложение дека пасошот го заборавил дома и пристигнал доцна синоќа во Скопје.
Македонија има само една победа во овој квалификациски циклус од кој Белгија со 19 и Хрватска со 16 бода се речиси сигурни патници на Светското првенство во Бразил. Мотивација за нашите фудбалери треба да биде пласманот за третата позиција кој никогаш не сме го оствариле.
За него се борат Србија која има 7, Велс 6, Шкотска 5 и нашата селекција која се наоѓа на последната позиција на табелата со 4 бода. Со победа вечерва против Велс и 3 бода во вторник против Шкотска тоа е остварливо, а по нив последните два дуели од овие квалификации ги играме наредниот месец на гости во Велс и Србија.
За сега на Мундијалот 2014 година, покрај домаќинот Бразил, математички пласман обезбедија и Јапонија, Иран, Австралија и Јужна Кореја, а за слободните 27 места се борат 87 репрезентации.