"Кога утрово му реков на Шевченко дека ноќта сонував дека тој ќе постигне два гола, не ми веруваше. Среќен сум што сонот ми се реализираше, со двата погодоци на Шевченко ние успеавме да славиме победа", изјави по мечот легендата на украинскиот фудбал, Олег Блохин.
На средбата со новинарите, тој не го криеше незадоволството од стратегијата на противникот, кој според него имал примарна цел да освои бод.
"Мислам дека Швеѓаните играа на нерешено. Се обидуваа да го нападнат нашиот гол со против напади, но не успеаа во намерата. Ние лошо го отворивме мечот, но за среќа игравме многу подобро во второто полувреме. Морам да кажам дека во завршницата имавме и малку среќа бидејќи противникот имаше две одлични можности за израмнување", изјави Блохин.
На спротивната страна, огромно е разочарувањето во редовите на репрезентацијата на Шведска, а првата ѕвезда во екипата, Златан Ибрахимовиќ, истакна дека овој меч против Украина не смееше да се загуби.
"Навистина ми е тешко и не можам да се помирам со конечниот резултат. Имавме водство од 1:0 и потоа противникот ни даде два гола за само неколку минути. Стартувавме со пораз и сега впечатокот мора да се поправи на следните два натпревари", рече Ибрахимовиќ.
Мечот во Киев беше прв меѓу двете селекции на едно големо натпреварување и на радост на домашните навивачи, нивните миленици успеаа да забележат победа.