Директорите на ФИФА едногласно решија да објават “легална соодветна верзија“ од спорниот извештај во кој постојат сомневања за корупција за Мундијалите во 2018 и 2022 година.
Одлуката е донесена по последниот состанок на извршниот комитет на ФИФА во Мароко по што јавноста ќе може да го види извештајот од 430 страници кој го реализираше американскиот адвокат Мајкл Гарсија.
Тој ќе биде достапен, откако најпрво ќе се довршат истрагите за пет лица, а се очекува во голема мера да биде редактиран за да се заштити доверливоста на сведоците.
Овој потег на објавувањето на извештајот претставува промена во политиката, бидејќи ФИФА и Сеп Блатер се противеа на тоа, а истражителот Гарсија пред два дена си поднесе оставка и ги критикуваше дека немаат лидерство.
„Штом тоа е легално, тогаш извештајот треба да биде достапен во јавниот домен. Ако луѓето немаат ништо да сокријат, тогаш зошто се плашат од нешто за да бидат издадени", коментираа официјални лица од британскиот фудбал.