Бјелса и преведувачите, хит во Премиер лига

Херој на навивачите на Лидс, идол на Пеп Гвардиола и Почетино, харизматичен и луд каков што му е и прекарот El Loco. Марсело Бјелса, тренерот на Лидс Јунајтед е хит во Премиер лигата и поради своето огромно искуство но и поради тоа што уште не знае да збори англиски. Буквално 2 збора не знае.

Ова за некои коментатори во Британија е навредливо, затоа што, велат тие, Бјелса за 24 месеци не научил ама баш ништо и секаде оди со преведувач.

„Сакав да поразговарам со него, но не знам шпански, освен да нарачам пиво на летен одмор. Тоа е малку навредливо. Јас многу го уважувам тоа што Бјелса го прави. Екипата, стилот, играта - 100% им припаѓаат повеќе во Премиер лига отколку во Чемпионшип“, изјави Јирген Клоп по мечот од 1. коло на Премиер лига Ливерпул - Лидс (4-3).

За две години во Англија, Аргентинецот Марсело Бјелса не научил речиси ништо но тврдел дека е спремен да се појави на прес-конференција без преведувач. Ама по она што се гледа кога збори после натпреварите дури и со преведувач, очигледно е дека се мачи со англиски јазик.

После првиот меч во Премиер лига и лудилото на „Енфилд“ (4:3 за Ливерпул), Бјелса смисли нова шема: го слуша прашањето на англиски и неговиот превод на шпански, па тивко му враќа на преведувачот, го слуша преводот на одговорот па го повторува истото на камера:

Со ова Бјелса покажа уважување за јазикот во земјата во која живее и работи:

Но оваа шема не траеше долго. На последниот меч во дебитантската сезона во Чемпионшип, не можеше да го изговори името на противникот Ипсвич (не е дека и многу наши знаат правилно да го изговорат). „Се откажувам“, рече Марсело и ги насмеа сите:

„КАКОВ ВИ Е ТОЈ ГЕНИЈ ШТО НЕ МОЖЕ ЈАЗИК ДА НАУЧИ?“

Некои во Англија оправдано или не, се незадоволни што трнерот веќе 2 години и нешто оди со преведувач.

„Ако Бјелса е гениј каков што го сметаат моите постари колеги по медиумите, зар за 27 месеци не можеше да научи јазик“?, праша на Твитер новинарот Мик Денис.

Бјелса признава дека англискиот му е потребен но дека со голема мака зборува. Кога работел во Марсеј и Лил исто не можел да научи француски.

„Чувствувам дека мора да зборувам англиски. Кога работите во туѓа земја, должни сте да го зборувате јазикот на таа земја. Јас треба да зборувам англиски, зошто сум обврзан, оваа земја ми даде работа. Тоа е исто и ако работите во Франција, Германија или Чешка. Но јас никако не можам да најдам време“, искрено признал легендарниот Бјелса и додал:

„Ако зборуваме за комуникација, нема проблем. За тренерите што помалку зборуваат, тоа подобро. На крајот, база, основа на англиски јазик е доволна за фудбалерите да ги разберата барањата на тренерот. Со управата нема проблем. Претседателот на клубот Андреа Радрицани и спортскиот директор Виктор Орта владеат со шпански јазик.

Прес-конференциите на Бјелса минатата сезона им ги довери на своите асистенти а не на преведувачи. Аргентинецот не сакал во тимот да биде вовлечен човек без тренерски квалификации. Затоа неколку пати во улога на преведувач беше помошникот тренер Карлос Корберан и тренерот на голманите Маркос Абад, а голем дел од сезоната лани во Чемпионшип до шефот Бјелса седел аналитичарот Диего Флорес.

„Бјелса е од оние тренери кои му всадуваат страв на преведувачот. Вие може да правите записи на две страни додека говори Мурињо, зошто тој доволно бавно зборува. Со Бјелса треба да ловите четири или пет збора оддеднаш. Тој е паметен човек и неговите коментари се многу сложени“, вели Фил Дикинсон, преведувач со 20-годишно искуство во фудбалот.

Сезонава Бјелса има нов преведувач во Премиер лига. Марсело сега внимателно го слуша преведувачот и пази на секој детал за преводот да биде максимално точен. Веќе се појавија неколку комични видеа со неговиот верен другар на прес-конференциите.

Пред нивниот дуел сезонава, Ливерпул и Лидс последен пат играа дури во 2004-та година. Кога Бјелса зборуваше дека овој меч е посебен, преведувачот му ги додал зборовите „не така како минатата сезона“. Бјелса го потпрашал: „Вие рековте во минатата сезона“?

Нивните дијалози може да ги слушате цела вечност:

Бјелса понекогаш бара од неговиот преведувач да биде погласен. Во Англија има симпатични коментари дека овој дечко ја има најтешката работа на свет. 

Интересно, во комуникација со играчите, Бјелса освен англиски користи и други јазици, оние кои му се поблиски: „Мислам дека емоцијата е најголем фактор која ги инспирира играчите да играат. Ако им зборувате искрено, тоа како се изразувате не е многу важно. Ако вие искрено верувате во тоа, тогаш може преку демонстрација на чувства да им пренесете што мислите“. 

2 октомври 2020 - 14:55