Бисерите од Азурен брег кои ги бара пола Европа

Тимот предводен од Португалецот Леонардо Жардим (42) е составен од млади фудбалери на кои цената вртоглаво им расте. И нормално, зошто дечките играат убав фудбал за око, најефикасни се во цела Европа и на добар пат се да станат шампиони на Франција.

Килиан Мбапе, напаѓач, 18 години

Интерес: Барем денес за тоа кои се клубовите кои ги бараат најголемите таленти е лесно да се каже. За Мбапе постои интерес од Реал, Барселона, Арсенал и Манчестер Сити, но самиот Килиан според новинарот на As и Sky Sports Гиљем Балаге никаде не брза. Целата работа ја компликува сеприсутниот агент Хорхе Мендес кој намерува да го претставува Мбапе и би можел да го продаде за 50 милиони фунти.

Вредност: 10 милиони

Учинок: Мбапе пред неколку дена стана полнолетен но тоа не му сметаше на 21 меч во првенството  на Франција да даде 10 гола со 7 асистенции и на два меча во осминафиналето на Лига на шампиони да даде два важни гола. Три гола има во Лига Купот и два во Купот на Франција. Сезонава вкупно настапил на 31 меч, одиграл 1583 минути, дал 17 гола со 10 асистенции.

Бернардо Силва, полушпиц/плејмејкер, 22 години

Интерес: Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед (според сајтот le10sport Јунајтед има предност во однос на купувањето на договорот на Силва на определено време), Челси, Атлетико, Барселона.  

Менаџер нема потреба да потенцираме кој му е. Вкупната сума за трансфер на неверојатната 10-ка на Монако би можела да достигне вртоглави 80 милиони евра.

Според реномираниот Transfermarkt цената на Бернардо Силва изнесува 25 милиони евра. Сезонава Бернардо Силва е лидер на Монако иако има само 22 години. Даде 10 гола и има дури 13 асистенции за гол.

Фабињо, десен бек/дефанзивен играч за врска, 23 години

Бразилецот го продолжи договорот со Монако до 2021 година и изјави дека би сакал да остане уште подолго на Азурниот брег. За него прв се огласи Наполи, а Манчестер Јунајтед веќе е спремен да изброи 30 милиони евра за пополнување на дефицитарната позиција во тимот.

По зборовите на таткото на фудбалерот, за син му се јавувале Барселона, Манчестер Сити и Арсенал. „Нам ни одговара работата на Жозе Мурињо во Манчестер Јунајтед, но имаме слабости и кон Сити“, изјавил татко му во емисија на Canal+.

Според Transfermarkt вредноста во моментов му изнесува 20 милиони евра. Фабињо е универзалец чија матична позиција е десен бек, но еднакво добро игра и како спона меѓу одбраната и средниот ред. Идеален шутер на пенали е (12 од 12 погодени за две сезони). Тој беше најголемиот „килер“ на Сити (го даде решавачкиот гол во реваншот).

Тиему Бакајоко, среден ред, 22 години

Минатото лето претставници на Јувентус заедно со потпретседателот Недвед биле на разговор за него, а потоа на „Луј II“ се јавувале уште Лестер и Челси, но главен претендент останал Манчестер Јунајтед.

Жозе Мурињо изјави дека Бакајоко би бил идеална замена за Мајкл Карик кој ќе оди во пензија.

Вредноста на Transfermarkt му е 7,5 милиони евра, но после сезонава ќе му скокне за четири или пет пати повеќе. Неговата статистика во Лига на шампиони е подобра отколку во Лига 1 а Бакајоко важи за крал на пресингот.

Тома Лемар, лево крило, 21 година

Сити покажа интерес, а откако си поигруваше со нивните бекови во двомечот, „Граѓаните“ ќе бидат први во редот летово за него. Зад нив се Челси, Атлетико (веќе понудил 20 милиони евра) и Јувентус.

Според Transfermarkt Тома Лемар вреди 20 милиони евра со тенденција да му се зголеми вредноста.

Лемар го избраа за играч на месецот во француската Лига 1 во ноември 2016 и тој е единствен претставник на Монако во тимот на откритија во Лига на шампиони. Страшно е брз и одличен техничар којшто сезонава даде 11 гола со 8 асистенции.

Бенжамен Менди, лев бек, 22 години

Не треба да се кажува дека Сити и за него сака да даде многу пари. Според Transfermarkt неговата вредност е 9 милиони евра, но сигурно нема да остане таква и ќе оди преку 20 милиони.

Минатото лето Монако го купи Менди од Марсеј за 12 милиони а фудбалерот од тогаш левиот бек се промовираше во најдобриот играч на оваа позиција во Лига 1. Досега има 3 асистенции на 5 меча во Лига на шампиони.

16 март 2017 - 12:08