Во вторникот вечер 18-годишниот Килиан Мбапè стана познат многу повеќе отколку што беше до мечот со Сити. Младиот напаѓач не само што му даде ефектен гол на тимот на Гвардиола со класен удар, туку и беше права напаст за противничките дефанзивци.
Со неговите лесни движења Мбапè нè потсети на легендарниот француски напаѓач - Тиери Анри.
Тиери се родил во предградието на Париз, а Килиан во Париз. Татко му на Килиан, Камерунецот Вилфред Мбапè работел како фудбалски тренер во татковината пред да се пресели во Франција и да се ожени со ракометарка од локалниот клуб и да продолжи да се занимава со омилената професија.
До дебито на малиот Килиан во првиот тим на Монако, омилен фудбалски ученик на Вилфред бил Жире Комбо-Екоко којшто на крајот завршил во Рен. Мбапè постариот го посинил Екоко (дошол во Франција со постарата сестра и вујко му) и го гледал до 11-годишна возраст пред малиот фудбалер на крајот да заврши во Рен. Жире Екоко секогаш велел дека Мбапè за него е роден брат.
Кога Килиан Мбапè наполнил 11 години го запишале во познатата фудбалска академија Клерфонтен. „Отсекогаш за моите синови сакав најдобро. Среќа се што имавме да вложиме за Килиан беше доволно за прием во Клерфонтен. Целата фамилија беше среќна кога го примија таму“, се сеќава таткото Вилфред.
20 години пред Мбапè да влезе во академијата Клерфонтен таму имало ново фудбалско откритие - Тиери Анри. За Мбапè набрзо дознале сите водечки европски клубови. Арсенал, Баерн, Дортмунд, ПСЖ, Реал и двата манчестерски гиганти. Сите пратиле скаути на натпреварите на тимот на Килиан а најупорни биле Мадриѓаните.
Управата на Реал Мадрид знаела дека Мбапè навива за ’Кралскиот клуб’ и на состанок со младиот напаѓач и татко му во Франција дошол Зинедин Зидан.
„Тоа беше голем, голем ден за мене. Зизу ми даде рака, ме погледна во очи и беше многу искрен со мене. Просто не можев да поверувам дека зборувам со најголемиот француски играч на сите времиња“, се сеќава на тие денови Килиан.
На жал за Реал Зизу не можел да го убеди малиот да се пресели во Шпанија. Вилфред мислел дека уште е рано за неговиот син да ја напушти Франција, па семејството Мбапè почнало да ги гледа понудите на домашните клубови. На крајот го одбрале Монако којшто во тоа време се врати во Лига 1 и сака да го тргне ПСЖ од шампионскиот трон.
„Земавме малку време да одлучиме иако однапред знаевме: Килиан се чуствуваше добро веднаш штом влезе во канцеларијата на Монако“, вели Комбо-Екоко, некогашниот фудбалер на Рен кој сега игра во Саудиска Арабија.
Така, на 14 години Мбапè дошол во Монако. Анри се преселил во Кнежевството кога имал 16 (тогаш Венгер го зел од академијата Клерфонтен). Тиери првиот меч за Монако го одиграл на 17 години а во првата сезона настапил на 8 меча. Во нападот тогаш конкуренција му биле Сони Андерсон, Петерсен, Виктор Икпеба и Мадаро. Но Анри стана најмладиот играч во историјата на Монако кој дебитирал за првиот тим.
На 12 декември 2015 година рекордот му го сруши Килиан Мбапè. Тогаш 16-годишниот напаѓач влезе како замена на мечот со Кан а за целата сезона 2015/16 одигра 11 меча.
Точно пред една година Мбапè го даде првиот гол во професионалната кариера - против Троа. Со овој гол Килиан сруши уште еден клупски рекорд и стана најмладиот стрелец за Монако. Не треба да додадеме дека рекордот до тогаш го држел Анри?
12 месеци после тој гол против Троа, Мбапè беше во почетниот состав на Монако во меч од Лигата на шампионите, така што споредбата со Анри е неизбежна. „Тие се многу слични. Острината, дриблингот, пас играта, се им е слично. И двајцата сакаат да напаѓаат по левото крило, но да го достигне нивото на Анри Килиан треба уште многу да работи“, изјави Арсен Венгер во една прилика.
Очигледно тоа го знае и неверојатниот талент Килиан: „Тиери, безусловно е легенда. Тој ја испиша својата историја. Сега јас сакам да испишам своја“.
Во декември Килиан даде хет-трик против Рен во меч од Лига Купот а пар недели подоцна три гола од Мбапè прими и голманот на Мец, Тома Дидион. И покрај тоа што важи за најголем европски талент во моментот, Килиан се однесува многу скромно во јавноста: „Просто си ја гледам својата работа. Не сум никаков феномен како Нејмар, Меси или Роналдо. Уште сум никој“, вели скромно Килиан.
Но и покрај скромноста, амбициите во семејството Мбапè се сериозни. На почетокот на минатата есен кога Килиан практично не влегувал на терен, Вилфред излегол во јавност со драматична изјава: „Кога го потпишавме новиот договор во февруари 2016-та очекувавме многу повеќе. Сега син ми е шести напаѓач во Монако. Ако работите не се сменат, ќе размислуваме за друго место за продолжување на кариерата“.
Работите дошле на свое место после неколку недели а неколку месеци по конфликтот на татко му со управата, Килиан Мбапè триумфилал на младинското Европско првенство 2016. Турнирот се одржуваше во Германија и таму Французите никому не оставија шанса, а во финалето ја згромија Италија со 4:0.
Мбапè со пет гола бил втор најдобар стрелец на Европското (после напаѓачот на ПСЖ Огустен). Со неговите два гола Франција прва влегла во полуфиналето а потоа и во финалето. Мбапè веќе ги урнал сите можно младински рекорди во Монако и се наоѓа на поширокиот список на кандидати за репрезентацијата на Франција и на “short list“-от на европските топ екипи. Му даде сјаен гол на Манечстер Сити и неколку пати се поигра со Отаменди.
„Мбапè го врати Отаменди директно во Аргентина“, напиша еден твитерџија синоќа на полувремето од мечот Сити - Монако.
„Видете, тој е навистина феноменален, но јас во кариерата сум видел многу млади талентирани фудбалери кои не стигнале до крајот“, предупредува поранешниот капитен на Лион и Монако, Жереми Тулалан.
А има само 18 години...