За Садио Мане пишувавме дека важи за еден од најскромните фудбалери на светот. За разлика од многу негови колеги кои се тркаат кој повеќе ќе потроши на позлатен саат, на јахта или на нова палата, Сенегалецот не е таков.
Во интервју за Nsemwoha.com, сајт од Гана, репрезентативецот на Сенегал, кој е обожаван од цела Африка, раскажал зошто не му треба луксуз:
„Зошто би морал да имам 10 Ферари, 20 часовници со брилијанти или два лични авиони? Дали тие работи ќе ме направат мене и светот посреќни? Јас бев гладен, работев на нива. Преживеав тешки времиња, играв фудбал бос. Немав образование и многу други работи.
Но сега со тоа што успеав во фудбалот можам да им помагам на луѓето. Изградив школи, стадион. Луѓето кои живеат во сиромаштија, ги помагаме со облека, обувки, храна. Одвојувам по 70 евра секој месец за секој жител од еден од најбедните региони во Сенегал. Парите одат во нивниот семеен буџет.
Не ми треба скапи коли, патувања ни авиони. Повеќе сакам моите луѓе да бидат дел од тоа што животот ми го дал мене“, рекол Садио Мане, кој важи за многу побожен човек и посветен Муслиман.