Милан во моментов се реорганизира, а во сезоната кога не играат во Европа црвено-црните сè повеќе се одлучуваат за играчите од нивната школа. На Матија Де Шиљо и Стефан Ел Шарави летово им се придодаде и Џакомо Бонавентура, кој дојде од Аталанта.
„Мора да признаам дека ми е тешко кога гледам колку странски играчи имаме во домашното првенство. Криво ми е кога ќе видам еден италијански тим со 11 странски играчи во составот. Во иднина сакам мојот Милан да биде составен од италијански играчи кои ќе бидат шампиони“, изјави Берлускони, по што почнаа критики за расизам на негова сметка.
Берлускони се надоврза и на алтернативните решенија, по кои многу клубови се продаваат на богатите магнати од целиот свет.
„Доаѓаат Арапи, Руси, Индонезијци, и сите влегуваат со огромни финансиски средства, но размислуваат само пазарно, не и фудбалски“, отворено зборува Берлускони.
Поранешниот италијански премиер го купи Милан кон средината на '80-те години и стана прв сопственик на еден клуб во Италија кој вложи многу пари. Империјата со Милан му ја донесоа токму странските играчи, кои доминираа во Европа и во домашниот шампионат. Ван Бастен, Руд Гулит, Франк Рајкард, Звонимир Бобан, Жорж Веа, Пијер Папен, Дејан Савичевиќ, Андреј Шевченко и други странски играчи го кренаа Милан на највисоко ниво.
Берлускони го критикуваше и поранешниот газда на Интер, Масимо Морати затоа што го продал клубот на индонезискиот магнат Ерик Тохир.
„Како човек од Милано, длабоко жалам што Интер е продаден на странци и што Морати се повлече од фудбалот. Не би сакал да го продадам мојот Милан на некој странец. Можеби ниту на Италијанец не би го продал. Покојниот татко ми зборуваше дека семејството го има грбот на Милан во срцето, а немам намера да правам трансплантација на срцето“, порачал Берлускони.
Милан во моментов е на 7. место во Серија А со 16 бода. Во сабота (20:45) росонерите ѝ гостуваат на Сампдорија во Џенова. Во натпревар од Берлускони купот, Милан вчера го совлада Сан Лоренцо 2:0, со головите на Пацини и Бонавентура.