Бегалец од Сирија на добар пат да стане судија во Бундеслига

Речиси после една година нов живот во Германија, бегалецот од Сирија Амар Шахар е на добар пат да го оствари сонот и да ја дели правдата во елитната германска Бундеслига.

Шахар, кој веќе суди мечеви во лигата Берлин, шеста дивизија во хиерархијата на германскиот фудбал, се надева дека еден ден ќе стигне до највисоко ниво.

„Имам добра шанса“, вели 27-годишниот Амар за The Associated Press.

Сириецот Шахар почнал да суди од 17 години кога свирел на еден меч за играчи до 14 години во родниот град Хама, четврт град по големина во Сирија после Дамаск, Алепо и Хомс.

„После две години отидов да свирам во втората и третата лига на Сирија. Од 2008 до 2010 година бев прволигашки арбитар“, додава Амар кој свирел и на младински мечеви во соседниот Либан.

Разрушувачката и страотна војна во Сирија го натерала да избега со жена му Лубана преку Либан во октомври 2015. година. Шахар имал врат кој живее во Германија така што тоа бил логичен избор. Двајцата морале прво да стигнат до таму по опасната рута од Турција преку Егејското море во Грција до првата граница пред вратите на ЕУ. Лубана тогаш била бремена во седми месец и им платиле на криумчарите многу повеќе пари за да ги сместат на посигурен брод. Шахар се сеќава дека на бродот за 30 луѓе имало 45. Но тоа не била единствена драма.

„На пола пат бевме, на отворено море кога моторот угасна. Но другите луѓе некако успеаа да го поправат и едвај продолживме“.

Како и многу други бегалци, стигнале со автобус до Македонија а потоа и во Србија пред да ја продолжат голготата низ Хрватска, Словенија и Австрија од каде со автобус ги префрлаат до германската граница а од таму до Минхен.

„Во Минхен полицијата ни даде карти за бегалскиот центар но јас реков ’Не не, не одиме во Минхен, одиме за Берлин’“. И самиот мислел дека седиштето на фудбалската федерација на Германија е во Берлин, главниот град на оваа земја. Но за жал седиштето е во Франкфурт. Мислев дека е во Берлин и запнав да одиме таму. Полицајците беа толку пристојни и добри што ми дадоа карти за Берлин“.

Претходно полицајците ги кренале веѓите кога им го покажал пасошот во кој имало печат и од Оман. „Им покажав слика дека сум судија. Бев во арапскиот Султанат да судам на турнир за деца до 14 години“, додава Шахар.

Со сопргуата биле само уште еден пар меѓу 890.000 мигранти кои стигнале во Германија лани. Од нив 213.000 побарале азил во првите девет месеци од годинава. Шахар брзо стапил во контакт со фудбалската организација во Берлин и му дале три меча да суди пробно во Ландеслига Берлин, дивизија пониска од Берлин лигата.

„По овој меч во Ландеслига, Берлинската фудбалска федерација (Berliner Fussball Verband) ме викна во кампот за судии. Ми кажаа ’Отсега ќе судиш во Берлин лигата’. Пресреќен бев“.

Амар Шахар, бегалец од Сирија кој ја сонува Бундеслигата

Шахар неодамна го судел неговиот петти меч во Берлин лигата кога БФЦ Преусен со 5:0 го совладал ДЈК СВ Неукоелн. Имал тежок меч за судење, покажал пет жолти и еден црвен за скривен пенал.

„Одлично судеше. Без грешка“, изјавил играчот на Неукоелн, Марко Винк кој признал дека со право добил црвен картон.

Фотографот во ниските лиги, Криштоф Лехнер неколку пати го фотографирал шахар во разговор со играчите.

„Секако дека јазикот игра најголема улога во комуникацијата“, вели Лехнер кој се запознал со Сириецот и се дружат приватно.

Шахар зборувал англиски и малку германски и признава дека комуникацијата е проблем но дека му оди се полесно. „Понекогаш имам проблем да разберам што ми викаат играчите, но што и да не знам, го меморирам во глава и потоа помошниците ми помагаат многу“.

„Мора да работам многу за да бидам добар судија во Германија. Сега одам чекор-по-чекор за да стасам до Бундеслигата“.

Шахар работи и како инструктор по пливање во едно школо во Берлин, посетува приватни часови за германски јазик, тренира со судиите и има семејни обврски со Лубана и синчето Нидал, родено во Берлин неколку недели по пристигнувањето на неговите родители на 3. декември 2015. година.

Пред некое време се преселиле во источниот дел на Берлин. Промената ја почуствувале само на дневна база. „Германскиот е тежок, но убав јазик“. Се надевам на Бундеслигата и на втората германска лига во иднина. Секојдневно напорно работам да стигнам до таму. Бундес е најдобрата лига во светот“, вели Шахар кој вели дека за пет или шест години би можел да добие германско државјанство и да стане меѓународен судија од Германскиот фудбалски сојуз.