Баерн вечерва игра за нов рекорд

Баварскиот титан вечерва од 21 часот игра на гости кај Копенхаген во 2. коло од групна фаза во Лига на шампиони. Баерн Минхен во 1. коло го совлада Ман. Јунајтед со 4-3 и ја продолжи непобедливата серија од 35 меча по ред во Лига на шампиони! Имаат 32 победи и 3 нерешени средби.

Баерн во Данска доаѓа со дури 14 триумфи по ред во Лига на шампиони, а вечерва би можеле да постигнат нов рекорд во елитното друштво. Германскиот шампион нема пораз на последните 17 средби на гости по ред во групна фаза на Лига на шампиони (15 победи и 2 нерешени) со дури шест победи на последните шест меча.

Екипата на Томас Тухел е на прагот на неверојатен рекорд ако вечерва одигра нерешено или победи во Копенхаген. Во моментов Баварците се израмнети со Барселона која од ноември 2006 до октомври 2012 имаа 17 меча на гости без пораз.

Хари Кејн и другарите вечерва играат за нов рекорд односно за 18 средба без пораз на гости во ЛШ.

Притоа Томас Милер против Манчестер Јунајтед во 1. коло и победата од 4-3 го запиша 143. настап во ЛШ во својата кариера и се искачи на шесто место на вечната листа на играчи со најмногу настапи во Лига на шампиони зад Кристијано Роналдо (183), Икер Касиљас (177), Лионел Меси (163), Карим Бензема (152) и Чави Ернандез (151).

За да се види големината на подвигот на Милер, треба да се знае дека сите фудбалери на Копенхаген заедно одиграле 142 меча во Лига на шампиони, еден помалку од легендата на Баерн Минхен.

Вкупно актуелните играчи на германскиот гигант 871 пат се појавиле во ЛШ. 

Интересно, Лирој Сане директно учествувал во 15 гола на Баерн во Лига на шампиони со 10 погодоци и 5 асистенции на 11 настапи во елитата. Постигнал гол или асистирал на секој од последните шест меча во ЛШ.

Баерн, пак, за првпат во клупската историја ќе игра против дански Копенхаген кој е основан релативно скоро на 1. јули 1992-ра година. Данците 12 пати играле против ривали од Германија и уште немаат победа (4 нерешени и 8 порази).

Standings provided by Sofascore
3 октомври 2023 - 12:49