
И покрај тоа што синоќа во првиот тим на Баерн Томас Тухел реши да ги стави Нојер, Алфонсо Дејвис, Де Лихт, Кимих, Милер, Сане и Чупо-Мотинг, Баерн доживеа тежок срам на гостувањето во Сарбрикен.
Мечот почна одлично за Баварците кои поведоа рано во 16’ минута преку Томасл Милер кој доби асистенција од младиот талент Франс Кретциг.
Потоа следуваше неочекуван пад за германскиот шампион. Прво Матијас де Лихт мораше принудно да излезе од игра и на негово место влезе Конрад Лајмер.
Пред крајот на првиот дел Сарбрикен на огромна радост на домашните навивачи неочекувано израмни. Во 45’ минута Кореецот од Баерн Ким Мин имаше неуспешен лизгачки старт, а шпицот Патрик Зонтајмер успеа да го совлада Нојер за голема еуфорија на преполниот стадион во Сарбрикен:
Со скоро сите стандардни првотимци во составот: Лирој Сане, Милер, Чупо-Мотинг, Кимих, Дејвис, Ким, Мусиала, Гнабри, Кингсли Коман, Баерн се обидуваше во вториот дел да си ја врати предноста но не успеа.
Одбраната на Сарбрикен беше одлична, а посебно голманот Шрејбер.
И кога шампионот не ги искористи своите шанси, стигна непишаното фудбалско правило. Во една контра, Сарбрикен буквално во последните секунди од мечот, во длабоко судиско продолжение во 90+6’ минута успеа да постигне победнички гол за 2-1 преку Марсел Гаус.
На трибините и теренот општа лудница од среќа:
БАЕРН ОДНОВО ИСПАДНА ОД НИСКОЛИГАШ
Баерн Минхен по втор пат за четири сезони испаѓа од нисколигаш во Купот. Во 2021-ва претрпеа срам со пораз од Холштајн Кил, исто во второ коло како сега, тогаш на пенали.
Баерн првпат после цели 23 години губи од ривал од трета или пониска лига. Претходно во ноември 2000-та изгубија од Магдебург кој тогаш бил четвртолигаш.
Шампионот на Германија го доживеа првиот пораз на последните 14 меча и втор пораз сезонава. Претходно ги декласираше РБ Лајпциг во Суперкупот на Германија среде „Алијанц Арена“.
Со Томас Тухел на клупата Баерн два пати во само шест месеци испаѓа од Купот а победи на само еден од шест дуели во Купот во последно време. Трофејот од ова натпреварување не го освоиле веќе четири сезони. Така не било уште од 1990-те години.
БАЕРН Е ВО ШОК, ОСОБЕНО ТРЕНЕРОТ ТУХЕЛ
Играчите не можеле да сфатат како изгубиле. Како што пишува новинарот Кери Хау, фудбалерите веднаш се повлекле во соблекувална, а некои гласно викале од гнев. Џамал Мусиала непрестано повторувал: „Неверојатно, невозможно!“
Пред навивачите прв застанал Милер кој им се извинил: „Може да се најдат многу причини. Треба да му се честита на Сарбрикен, ние бевме изгубени. Примивме гол од контранапад во продолжение. Му честитаме на Сарбрикен, со право слават. Направивме неколку грешки, но вечерва се можеше да биде поинаку. Секако ова е слен удар. Одново испаѓање во во второ коло не беше тоа што го мислевме. И нашите навивачи со право се лути“, рекол Милер.
А Томас Тухел додал:
„Не бевме арогантни, не се однесувавме кон мечот лесно. Ќе најдете стотина објаснувња или ниедно. Чудно е. Секој што вели дека моравме да победиме тука е во право. Нема јасно објаснување, екстремно сме разочарани“.
Баерн Минхен сега го чека тешко гостување во Дортмунд во Бундеслига а таму ќе бидат без Џошуа Кимих кој беше исклучен на претходниот меч со Дармштад.