Ба го направи Жозе рекордер во ЛШ

По предноста на ПСЖ од 3:1 на првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампиони, Челси ги подзагуби шансите за полуфинале, но резултатот 2:0 сепак не беше неостварлив за Лондончани кои му донесоа двојно задоволство на својот тренер.

Португалскиот стратег синоќа стигна до рекордни најмногу настапи како тренер во најквалитетното клупско европско натпреварување, а пласманот помеѓу најдобрите четири екипи му донесе уште еден рекорд.

На три минути до крајот на средбата „Стемфорд Бриџ“ се тресеше поради голот на Демба Ба кој значеше елиминација на ПСЖ, а за Мурињо освен големо славје, тоа значеше и вкупно осмо полуфинале во Лигата на шампионите.

До сега ниту еден друг тренер не успеал толку пати да се пласира во полуфиналето од најелитното клупско натпреварување. Португалецот за прв пат до таму стигна пред 10 години со Порто кога стана и европски првак.

Беше полуфиналист на два пати со Челси во 2005 и 2007 година, но и во двата наврати беше елиминиран од Ливерпул. Потоа следуваше полуфинале со Интер во 2010, во историската година за клубот кога стигна до тројната круна..

За време на тригодишниот престој на „Сантијаго Бернабеу“ Мурињо во сите три сезони го одведе Реал Мадрид до полуфинале. Тоа се случи во 2011, 2012 и 2013 година, кога не успеа да ги мине пречките за финале наречени Барселона, Баерн Минхен и  Борусија Дортмунд.

Португалскиот стратег е во друштво со Ернст Хапел, Отмар Хицфилд и Јуп Хајнкес кои успеале да стигнат до титула во Лигата на шампионите со два различни клуба, а тренерот со едно полуфинале помалку од него е Сер Алекс Фергусон кој 7 пати беше дел од големата четворка со Манчестер Јунајтед. 

9 април 2014 - 13:55