Со победата против Сампдорија од 2:0 во 31. коло од Серија А, Аталанта оствари клупски рекорд од девет победи по ред. Момците на Гасперини се неприкосновени и воопшто не им влијаеше долгата пауза по која имаат 6 од 6.
Не знаат за пораз од 20 јануари, а со последниот триумф се трети на +2 од Интер кој вечерва и гостува на Верона. Ја нападнаа и втората позиција на Лацио на кој му се доближија на 2 бода, а разликата со Јуве на кој му гостуваат во сабота е 9 бода.
Каква машинерија за голови стана оваа екипа, тоа е нешто неверојатно. Постигнаа 85 погодоци на 31 меч, а поефикасни се дури и од Реал и Барса кои имаат 62 и 79 погодоци и тоа по 35 кола. Пазете им ги овие дебакли кои им ги нанесоа на противниците сезонава.
Аталанта – Удинезе 7:1, Торино – Аталанта 0:7, Лече – Аталанта 2:7, Аталанта – Парма 5:0, Аталанта – Милан 5:0. Згора на сè следниот месец ќе играат четвртфинале во Лига на шампиони откако ја попарија Валенсија во топ 16 со вкупни 8:4.
Тимот, околината и градот се обединети за победа во секој поглед, а тоа се случува во Бергамо, срцето на повредената Италија изминативе четири месеци. Во тој контекст од таму стигна извонредна вест.
137 дена по хоспитализацијата на првиот пациент на интензивна нега, во болницата не лежат повеќе пациенти со Ковид 19. Аталанта издржа машки и ја продолжи серијата по паузата, но издржаа и лекарите кои 24 часа се бореа против вирусот.
Вкупниот биланс на жртви во Бергамо изнесува 6.000 луѓе за чии животи се бореа 400 медицински лица.
„Она што се случи во Бергамо дополнително ги збуни тимот и околината. Способноста да се реагира и да се избори за повторно раѓање на градот е стимул во првенството и ќе биде уште повеќе во Лигата на шампиони“, изјави Гасперини по победата над Сампдорија.
Без разлика на сè, Бергамо продолжува да победува. Таму не се пееше по балкони за време на 24 часовниот карантин. И за време на молчењето, луѓето знаеја како да си дадат сила. Која беше формулата? Работа и посветеност. Резултатите зборуваат сами за себе.
Аталанта и Бергамо сега изгледаат посилни, а нивното главно мото е стихот на една песна како химна за отпорност „Јас ќе се родам повторно, но и ти ќе се родиш повторно“.
Од друга страна, Бергамо е град во кој на секое дете кое се раѓа уште во болница му облекуваат дрес од Аталанта. Претседателот на клубот е единствен во Италија кој е роден во градот од каде што е клубот, а згора на сè и поранешен играч на истиот тим.
Дури и во годините кога играа во Серија А, историски во овој реон имало најмалку навивачи на Јувентус, Милан и Интер. Бергамо е Аталанта, Аталанта е Бергамо.