Арсенал прво израмни во 101-ва минута, па освои пехар на пенали

Првиот трофеј во новата сезона доаѓа на адреса на Арсенал откако „топџиите“ го победија Манчестер Сити на пенали. Прво поведе шампионот со прекрасен гол на младиот Палмер, но израмни Тросар буквално во последните секунди од мечот, во 101-та минута.

Првиот мега дуел на сезоната меѓу англискиот шампион и вицешампион не донесе спектакл каков што се очекуваше, но подари интересна драма во финишот. Манчестер Сити прв дојде во водство во 77-ма минута а „топџиите“ израмнија во 101-ва минута после удар од рикошет и славеше на пеналите.

Во првиот дел Арсенал му ја препушти иницијативата на противникот и чекаше слободно пространство на другата страна за контри. Момците на Пеп Гвардиола имаа 62% посед на топка повеќе но не создадоа сериозни шанси за гол.

Најголемата шанса напротив во првиот дел ја имаше Кај Хверц кога два пати шутираше во голманот Ортега кој е резервен голман на Сити но брани најчесто во Купот.

Ерлинг Халанд немаше моменти за паметење во првиот дел, освен силниот притисок кој го вршеше врз одбраната на „топџиите“.

ЈУНАК НА СИТИ ЗА МАЛКУ НЕ СТАНА МЛАДИОТ ПАЛМЕР

Пеп Гвардиола е најдобар светски тренер и поради фактот што самиот промовирал и на пат извел многу млади фудбалери. Еден од нив е и Кол Палмер, младото дете од Манчестер кој веќе неколку сезони е на клупата за резерви на Сити но редовно добива шанса да заигра.

Така беше и синоќа кога во 64’ минута Пеп ги извади Халанд и Матео Ковачиќ а ги внесе Де Брујне и Палмер. Токму овие двајца беа творци на водството на Сити. Белгиецот асистираше а Кол погоди прекрасен еврогол за лудница на синиот дел од трибините.

21-годишниот Палмер има извонредно лето. Тој во јуни бил најдобар играч во решавачките победи на младинската У-21 репрезентација на Англија која стана европски шампион. Во полуфиналето против Израел кога славеа 3:0 Кол Палмер имаше 1 гол и 2 асистенции а главна улога одигра и на другите натпревари. Во финалето извел слободен удар после кој Кертис Џонс од рикошет го постигнал шампионскиот гол.

Палмер е дете на Сити уште од 8 години е во академијата на клубот. Минатата сезона одигра 25 меча за Сити но најчесто од клупата за резерви. „Сезоната за мене не беше лесна. Кога ретко играш тоа влијае. А кога играв не покажував многу што можам. Можно е затоа што горев од желба“.

Летово му понудиле позајмица во Брајтон, Барнли, Борусија Дортмунд и РБ Лајпциг, Сити бил спремен да го пушти но Кол Палмер за сега останува кај Гвардиола. И секунди го делеа да станеше јунак на суперкупот и првиот пехар сезонава.

Да не беше таа 101-ва минута кога Белгиецот Леандро Тросар го израмни резултатот после одбиена топка.

Главниот судија го продолжи мечот 8 минути но на крајот поради прекини во дополнителното време реши да се игра вкупно 12 или 13 минути повеќе, практично цело едно продолжение.

Арсенал успеа да израмни а после на пенали беше 100% прецизен со 4/4. Кај Сити неочекувано промашија Де Брујне (погоди статива) и Родри (Рамздејл му одбрани).

На крај победа од 4:1 на Арсенал. Микел Артета втор пат во тренерската кариера го победи Пеп Гвардиола и го освои третиот трофеј (претходно освои Куп и Суперкуп во 2020-та).

Гвардиола, пак, го губи третиот СуперКуп на Англија по ред. Претходно губеше на старт на сезоната од Лестер и Ливерпул, но тоа не му засмета берба на трофеи до крајот од сезоната.

7 август 2023 - 08:43