Најважната споредна работа во светот се користи како алатка за злоупотреба на фудбалските таленти од сиромашните афрички земји, а ветувањата кои ги користат лажните агенти за да ги привлечат малолетните фудбалери да заминат во Европа се едноставни. Им ветуваат блескава иднина како онаа на нивните идоли Дрогба или Ето, но потоа завршуваат во канџите на мафијата која ги користи како евтина работна сила.
Борбата против ова зло ја објаснува Камерунецот Жан Клод Мбвоумин, кој се откажал од фудбалот и со поддршка на ФИФА ја основал асоцијацијата „Foot Solidaire" која се бори против оваа проблематика.
„Тоа е еден загрижувачки феномен кој постојано расте. Разни агенти доаѓаат во Африка, ги избираат сиромашните семејства на кои им ветуваат дека нивниот син ќе го направат фудбалска ѕвезда, а истовремено за услугата бараат и пари од нив. Само во Франција доаѓаат илијадници секоја година", вели Мбвоумин.
Според него овој вид на криминал поврзан со фудбалот се повеќе расте и со големиот број на трансфери во источните земји. Проблемот е што многу од семејствата им веруваат на лажните агенти, се задолжуваат, мислејќи дека ќе им ја обезбедат иднината на своите деца, но потоа целатата таа одисеја завршува неславно.
Пример за тоа е младиот фудбалер од Гана, Дезмон Дуби на кој му бил ветен професионален договор со фудбалски клуб од Малезија. Кога менаџерот го пречекал на аерордром, го претепал и го пратил во Париз. Тој сега е исплашен и се крие во главниот град во Франција, а неговата фамилија е полна со долгови. На ист начин бил излажан и негов другар кој кога се вратил во својата земја бил убиен.
Купувањето и потпушувањето професионален договор со малолетни фудбалери всушност е забрането според правилата на ФИФА. Исклучок се прави само во случај доколку родителите одлучат заедно да заминат со нивниот син. Клубот во тој случај го запишува детето во младинската академија и се грижи за неговото образование, а за родителите обезбедува сместување и вработување.
Но и во овие случаи мафијата често мами со помош на фалсификувани документи според кои родителите наводно добиле работа. ФИФА нема контрола врз сите овие трансфери, затоа што дел од нив завршуваат во аматерски клубови кои не се евидентирани во Светската куќа на фудбалот. Според Мбвоумин, бизнисот во фудбалот се шири во уште поголеми граници, а со тоа расте и проблемот со недозволената трговија со млади фудбалери.