Кариерата на Александар Аранѓеловиќ, Аце автобусот или Аран има материјал за одличен авантуристички филм каде главната улога треба да ја толкува фудбалер од Црна Трава. Тој е првиот фудбалски емигрант од стара Југославија кој по натпревар на Црвена Ѕвезда одигран во Трст на 16 март 1947 година решил да не се врати во дома, барем во скоро време.
Аце имал голема желба да заигра во Милан и успеал да стигне до договор, но поради престојот на диво настапувал само на пријателски натпревари. Во тоа време на емигрантите се гледало како на народни предавници и фудбалската федерација не му дала дозвола за настап на официјални мечеви.
Во исчекување да заигра на официјално натпреварување заминал во Унгарија и преку фудбалот почнал многу да патува и да запознава светски познати личности. Сакал многу да слуша опера, Тоска од Пучини ја знаел на памет, а се дружел со славниот баритон Тито Гоби. Голем пријател му бил легендарниот унгарски напаѓач Ласло Кубала.
„Да не беше Аце, веројатно никогаш немаше да заиграм за Барселона“, изјавил Кубала на кој на едно гостување во Шпанија му наместил четири голови.
Аранѓеловиќ се вратил во Италија. Година дена настапувал за Падова, а најдобрата сезона ја одиграл за Рома каде бил најдобар стрелец со 11 голови. Клучниот меч против Новара за опстанок во лигата го решил со погодок од непостоечки пенал, а потоа направил трансфер токму во Новара.
Татко на Александар му бил Ристе Аранѓеловиќ, член на Демократска партија и еден од петтмината пратеници кои гласале против Јосип Броз Тито. Тој го купил фудбалскиот тим Единство, изградил терен и донел засилувања кои земале поголеми плати од офицерите.
Аце дебитирал за Единство на 17 години на прволигашки меч против Хајдук во Сплит. Некои го сметале за размазен татин син, но фудбалскиот талент никој не му го спорел.
„На 16 години возев Бјуик, со број на таблица 442 и бев прв спортист кој возеше автомобил. Тогаш се знаеше дека до број 100 беа дворски автомобили, до 200 министерски, а од 200 до 400 на високите државни функционери. Тие од 400 до 1.500 беа приватни. Татко ми имаше Кадилак и Олдсмобил“, изјавил Александар кој во 1936 бил единствен во Белград со таква кола и кој веќе како тинејџер бил ѕвезда.
Аранѓеловиќ никогаш немал проблем со прилагодување во нова средина и обично по година дена имал навика да го менува клубот.
„Играв со многу легенди од тоа време како што е Силвио Пиола, најдобриот стрелец во историјата на Лацио, а не можам да го заборавам ниту Аце. Каков лудак беше тој и каква нога имаше. Циган без државјанство и фудбалски уметник“, изјавил Бруно Пезаола од Наполи.
„Аце можеше да тренира и бос. Правеше чуда со топката на тренинг. Се сеќавам дека уживаше да го слуша Верди и Бетовен и ми текнува на моментот кога Пиола го гушкаше бидејќи му направи идеална асистенција. Одигра 26 меча, даде 9 голови и си замина“, раскажува познатиот италијански новинар Џанфранко Капра.
Во Франција им било тешко да изговорат Аранѓеловиќ, па му дале прекар Аран. Во Париз се дружел со членови на српската кралска фамилија, а на кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ му подарил 15 одела. Трансферот во Расинг Париз во 1951 година повеќе му бил за престиж. Само за потпис добил 25.000 долари плус месечна плата и стан.
Последниот професионален ангажман му бил во Атлетико Мадрид. Потоа веќе бил на залез на кариера и не можел да најде клуб со висока плата па во Канада играл за италијански тим на иселеници за 2.000 долари месечно. За да заработи плус со камион разнесувал млеко.
Аце Аранѓеловиќ живеел и во Австралија каде за малку и ќе банкротирал. Работел ортачки со луѓе од Србија, но го изиграле. Во 1963 година Тито прогласил амнестија и тој се вратил дома со заштедени 10.000 долари.
Убави времиња со него поминал и легендарниот фудбалер Драгослав Шекуларац, инаку роден во Штип.
„Аце беше снажен и кога ќе нагазеше на топка дури и Чик Чајковски најдобриот халф во тоа време во Европа, ќе се залеташе, ќе се удреше во него и ќе паднеше на земја. Кога се врати од странство добро се запознавме и се дружевме. Беше голем шмекер и кавалер. Седевме и јадевме заедно во „Градска кафана“, раскажува поранешниот југословенски репрезентативец.
Неговиот авантуристички дух не му дозволи да пропушти ништо важно. Татко му го однесе на Олимписките игри во Берлин 1936, Лондон 1948, Хелсинки 1952, Мелбурн 1956, се до игрите во 1976-та.
Александар кој сменил 20 клубови на четири континенти, потрошил милиони за време на неговиот бурен живот. До неговото пензионирање работел како туристички водич, а со оглед на тоа што во тоа време најчесто се патувало со автобус, го добил и прекарот Аце Автобус.
Во периодот меѓу Единство и бегањето во Италија, Аце играл за Прва Армија, тим составен од војници за време на Втората светска војна, потоа за Металац, Студент и Црвена Ѕвезда.
Починал во 1999 година на 78 години и погребан е во Белград до гробот на неговите родители. За неговиот живот водел и прецизна статистика и запишал 1565 натпревари, 1.500 голови, како и 2.500 жени кои барем еднаш му биле нешто повеќе од другарки.