А слушнавте ли за рекордот на Њукасл во Премиер?

Во неделата Њукасл на гости го разби Шефилд Јунајтед со неверојатни 0-8. Стрелци на сите голови беа различни фудбалери што не се случило никогаш во историјата на Премиер лига при така убедлив триумф.

Њукасл го расканта последнопласираниот Шефилд Јунајтед со 0-8. Головите ги дадоа: Шон Лонгстаф (21’ минута), Ден Берн (31’), Свен Ботман (35’), Калум Вилсон (56’, хет-трик од асистенции имаше бекот Трипие), Ентони Гордон (61’), Мигел Алмирон (68’), Бруно Гимараеш (73’), Александер Исак (87’).

Нула - осум.

Ова е убедливо најтежок пораз во клупската историја на Шефилд Јунајтед кој првпат за 90 години губи со овој резултат иако во дамнешни времиња изгубиле еднаш 3:10 од Мидлзборо.

Интересно Њукасл со 0-8 славел во Шефилд и во 1999-та година, само тогаш против градскиот ривал на Јунајтед, Шефилд Венздеј. Сега го повтори триумфот со ист резултат но на стадионот „Брамал Лејн“.

НОВ РЕКОРД

Освен што се искачи на вечната листа со најубедливи победи во историјата на англискиот фудбал, Њукасл влезе и во историјата како прв клуб кој победил толку убедливо а сите голови да ги дале различни играчи. Ниту еден немал втор гол.

А тимот на Еди Хау има тежок старт на сезоната, па после триумфот над Астон Вила на почеток, изгубија три меча, од Ман. Сити, од Ливерпул во финишот и од Брајтон. Победија 1:0 со Брентфорд па одиграа 0:0 со Милан на „Сан Сиро“ каде голманот Ник Поуп ги спаси од пораз.

Сега црно-белите ги чека Ман. Сити во Лига Купот.

КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИ РЕКОРДНИ ТРИУМФИ ВО ПРЕМИЕР ЛИГА?

Њукасл на „Брамал Лејн“ синоќа се доближи до рекордот со највисока победа во историјата на Премиер лига. Него и натаму го држат Ливерпул, Манчестер Јунајтед и Лестер Сити. Сите три екипи имаат историски победи од 9-0!

„Црвените“ славеа 9-0 против Борнмут на 27 август минатата 2022-ра година. Манчестер Јунајтед на 2. февруари 2021-ва го развали Саутемптон со 9-0, а Лестер на гости го згроми Саутемптон на 25 октомври 2019-та. Манчестер Јунајтед има исто рекордна победа од 9-0 против Ипствич Таун на 4. март 1995-та година.

25 септември 2023 - 10:58