Од 1914-та па се до 1928-та година за неофицијален светски шампион се сметала репрезентацијата која ќе го освои фудбалскиот турнир на Олимписките игри. На Олимписките игри во Лос Анџелес во 1932-та година не било предвидено да се игра фудбал, па челниците на ФИФА решиле да организираат свој турнир.
Италија, Шведска, Холандија, Шпанија и Уругвај аплицирале за домаќин на првото Светско првенство, но ФИФА им дала предност на Уругвајците како актуелни шампиони од ОИ 1928.
Заради големата одалеченост, само репрезентациите на Аргентина, Бразил. Боливија, Чиле, Мексико, Парагвај, Перу и САД се пријавиле за учество, но по интервенција на ФИФА на два месеца пред почетокот своето присуство го потврдиле и Белгија, Франција, Романија и Југославија.
Во Романија морал да интервенира дури и Кралот Карол, а селекторот на репрезентацијата разговарал со секој работодавец посебно за да се осигура дека ќе им ги чуваат работните места на фудбалерите по долгото отсуство.
Репрезентацијата на Југославија патувала со парен брод кој пренесувал пошта, Романците тргнале со брод од Џенова и по пат ги собрале Французите и Белгијците, а во Рио де Женеиро на бродот се качиле и Бразилците.
По 15-дневно патешествие за кое фудбалерите тренирале на палубата од бродот, репрезентациите пристигнале во Уругвај и Светското првенство започнало на 13 јули 1930 година со натпреварите Франција-Мексико и САД-Белгија.
Аргентина, Уругвај, САД и Југославија биле првопласирани во групите и се пласирале во полуфиналето. Двете полуфиналиња завршиле со идентичен резултат. Аргентина го победи САД, а домаќинот беше поуспешен од Југославија со 6:1.
Финалето се одигра на 30 јули на стадионот Сентенарио во Монтевидео пред 93.000 гледачи. Уругвај ја победи Аргентина со 4:2 и стана првиот официјален светски шампион.
Следниот ден бил прогласен за национален празник во Уругвај, а бесните аргентински навивачи во Буенос Аирес го искршиле уругвајскиот конзулат.