775 милиони фунти за 0 титули во Премиер лига и ЛШ

Кога ќе се каже она „Парите не се гаранција за успех“, се мисли на Манчестер Јунајтед, клубот кој по завршувањето на ерата на Фергусон никако не може да се пронајде, а вложи грдни пари. Лига Европа им е под ниво.

Со заминувањето на Фергусон од кормилото на Манчестер Јунајтед, времето на Олд Трафорд како да застана, барем што се однесува до освојувањето на титулите. Последната ја освоија токму со него во сезоната 2012/2013 и од тогаш воопшто не им оди на тоа поле.
 
Кога ќе видите колку пари вложил клубот по неговото заминување ќе ве удри дамла. Манчестер Јунајтед за 5 сезони потрошил 775 милиони само за засилувања.
 
Најскапо е името на Пол Погба кого го купија за 94,5 милиони фунти, па Ромелу Лукаку за 76,5 милиони, Анхел Ди Марија за 67, Ентони Марсијал за 54 и Фред за еден милион помалку.
 
Што значи дека само топ 5 најскапите засилувања по Фергусон заедно чинат 345 милиони фунти. И што фајде од ова кога од тогаш Манчестер Сити и Челси собраа по две титули, Лестер една, а Манчестер Јунајтед ниту една.
 
 
Зборуваме за клуб кој беше навикнат да блеска со шампионски сјај и само од формирањето на новоформирата Премиер лига во 1992-ра освои 13 титули.
 
Утеха им се трофеите во ФА Купот, Лига Купот, Комјунити Шефилд и Лига Европа кои по Ферги ги освоија по еднаш.
 
Дејвид Мојс и Луј ван Гал се мачеа да изградат тим со препознатлива игра и идентитет, нешто што не му успева ниту на Мурињо кој сезонава не успеа да излезе на крај со екипи како Брајтон, Вулверхемптон и Дерби кој е инаку второлигаш.
 
Едноставно во Манчестер Јунајтед ја нема таа хемија меѓу играчите, што ја имаше до не многу одамна.
 
2 октомври 2018 - 16:01