Престон Лајонс е уникатна фудбалска сторија со долга традиција. Примамлива за луѓе кои сакаат да добијат документарец за еден поинаков клуб на контрасти.
Се натпреваруваат во Австралија, а се гордеат со македонското во себе кое го носат од нивните татковци родени во Македонија.
И покрај тоа што на овој континент има втора, трета, четврта генерација на луѓе родени таму, тие сепак не само што не ги забораваат, туку ги истакнуваат своите корени. Растени во тој крај, се разбира дека зборуваат перфектен англиски со австралиски дијалект, но сите имаат презиме на “ски“.
За Престон Лајонс или од претходно Престон Македонија, познато е дека го имаат формирано македонски иселеници во 1947-та и дека се наоѓа во предградието на Мелбурн. Но кој би рекол дека и сегашната генерација во клубот со волкава страст и гордост зборуваат и се изјаснуваат како Македонци.
Луи Ацевски, тренер на Престон
„Поминав добри 15 години од мојот живот тука и доаѓав барем секој втор викенд. Имам многу убави сеќавања. Тоа е вградено во мене, во крвта ми е.
„Сонот да се биде дел од клупската историја, да се освои чемпионшип и да се обезбеди промоција му се случи на најголемиот македонски клуб во Австралија или може треба да кажам најголемиот македонски клуб надвор од Македонија. Тоа им значи многу на луѓето“.
Алекс Петровски, дефанзивец
„Луѓето обично ме прашуваат, какво е чувството да се игра таму, а јас не можам да замислам да играм во друг клуб“.
Саша Огненовски, навивач
„Посебно е местово. Се ежам кога ќе чујам како се пее “Македонија“.
Дејан Спасески, играч од среден ред
„Доаѓаш тука и слушаш од трибина како се скандира “Македонија“, што ти дава посебна мотивација. Нашите татковци се родени во Македонија. Без да навлегувам политички за македонскиот идентитет, ни значи многу да застанеме за да покажеме кои сме и знаеме кои сме. Ние сме Македонци и затоа сакаме да дојдеме тука и да играме за најголемиот македонски клуб во земјава“.
Жак Груевски, претседател на Престон Лајонс
„Секогаш им велев на луѓето, додека нашето наследство е чисто македонско и нашата култура е македонска, го гушкаме секој што сака да дојде во овој клуб, кој сака гордо да го носи нашиот дрес“.
Една од првите тимски фотографии
За формирањето на Престон и лигите во кои се натпреварувал
Во 1998-ма тренер им беше Андон Дончевски.
Пријателска со шампионската генерација на Вардар (Со црвен дрес е Дарко Панчев)
Во клубот се зборува на англиски, ама се игра на македонски начин